Connect with us

Регион

Кикиљас за несреќата на Хиос: Современите шверцери и криумчари се непријатели на државата

Државата покажува и ќе продолжи да покажува, нулта толеранција кон криминалните мрежи, посочи министерот за поморство на Грција, Василис Кикиљас, за синоќешната несреќа во близина на островот Хиос во која животот го загубија 15 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас изрази „неизмерлива жал за загубата на човечките животи“ и посочи дека нивните мисли се со повредените мигранти и со припадници на крајбрежната служба.

-Современите шверцери и криумчари се непријатели на земјата. Ги ставаат во смртна опасност човечките животи, животите на овие несреќни луѓе и на припадниците на крајбрежната служба, кои пожртвувано ја вршат нивната патриотска должност: да ги чуваат морските граници и да спасуваат човечки животи. Државата покажува и ќе продолжи да покажува нулта толеранција кон овие криминални мрежи, порача Кикиљас.

Нагласи дека истрагата за причините на трагичната несреќа ќе се спроведе со транспарентност и професионализам, а паралелно им заблагодари на сите оние кои учествуваа во спасувањето во море, како и на медицинскиот и административниот персонал од болницата во Хиос.

На трагичната несреќа се осврна и министерот за миграција и азил на Грција, Танос Плеврис, за време на расправата во Парламентот за новиот закон за легална миграција.

Тој изрази жалење за загубените животи, но и им честиташе на припадниците на крајбрежната служба за спасените мигранти во море, но и како што рече, „за фактот дека ги чуваат границите на земјата“.

Нагласи дека конкретниот инцидент ја истакнува „битката што треба да се води против убијците криумчари на нелегални мигранти“ и додаде дека новиот закон има специфични одредби со кои се заоструваат казните „за овие убијци кои се единствените одговорни за она што се случи“.

– Криминалци се криумчарите, оние кои во чамец од осум метри ставија речиси 40 луѓе за да ги остават на брегот на Хиос, кога грчката крајбрежна служба ги забележа, побара да застанат, а криумчарите го свртеа чамецот за да си одат и го удрија, чамецот на крајбрежната служба, како што може да се види од објавените фотографии, рече Плеврис.

Во несреќата во морскиот дел кај островот Хиос, животот го загубија 11 мажи и четири жени, а повредени беа 24 мигранти (седум мажи, шест жени и 11 деца) и двајца припадници на крајбрежната служба.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4