Connect with us

Скопје

Ѓорѓиевски: Даноците и цената на паркингот ќе останат исти

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска на прес-конференција изјави дека не размислува за зголемување на даноците. Тој рече дека Град Скопје сè уште не е во состојба во каква што заслужуваат скопјани да живеат.

– Сè уште ги немаме целосно доведени состојбите во ред. Зошто? Затоа што даваме сè од себе до последен атом, но ни треба време за да ги решиме сите процеси – одговори тој на новинарско прашање по обраќањето за сработеното откога е на функција, како и за проектите што доаѓаат во иднина.

Ѓорѓиевски рече дека и покрај тоа што имаме најниски даноци во регионот, смета дека тие не треба да се зголемуваат.

– Ние сè уште како Град немаме дадено услуги на граѓаните какви што заслужуваат за да можеме да размислуваме на оваа тема. Но, јас сметам дека даноците не треба да се покачуваат – додаде градоначалникот.

Не е во план ни зголемување на цените на паркинзите.

– Има институции што плаќаат услуги на паркинзите, меѓу кои и вработените во Град Скопје, по повластени цени. Таква работа повеќе нема да има. Вработените овде земаат плата и тие се исти како и другите граѓани во Скопје. И ќе си плаќаат колку што треба. Не може некој да плаќа 400 денари, а вие да плаќате 1.400 за месечен билет. Секој ќе си плаќа колку што е износот – тој ќе биде ист за сите. Тука толеранција нема да има. Но, тоа не значи зголемување на цените, туку воспоставување ред – одговори Ѓорѓиевски на новинарско прашање.

Во план било зонско паркирање на повеќе места во градот.

Прашан за објектот на Езерце, тој рече дека таму се прави детско катче.

– Тоа беше јавен тоалет, без никаква документација. Многу од состојбите во градот Скопје во текот на годините, од една страна, беа оставени на злоупотреба од поединци, а од друга, пак, и место за девијантни појави – одговори градоначалникот.

Тој најави целосно чистење на езерцата, во план бил жив свет, нешто атрактивно за младите, но и да се обнови паркот.

За Калето, рече дека почната е постапката, каде што Град Скопје ќе ја преземе надлежноста.

– Таму има патеки што треба да бидат реконструирани, портата треба да претрпи реконструкција бидејќи не е во добра состојба, но и целиот потег внатре. Кога ќе ја преземеме целосно надлежноста, ќе почнеме со сериозни активности и зафати таму – најави Ѓорѓиевски.

На новинарско прашање за автобусите, тој рече дека некои од новите автобуси ќе пристигнат до крајот на оваа година. Наместо ветените 80 автобуси, ќе биле набавени сто. Помината била одлуката на Влада и градоначалникот верува дека бргу ќе почне испораката.

– Добро е што 30-ина автобуси ставивме плус во функција, а стоеја во гаражите неисправни – појасни тој.

Преку БРТ-проектот ќе биле обезбедени дополнителни 30 автобуси.

– Да бидам попрецизен, оваа година ние ќе испорачаме најголем дел од автобусите што треба да стигнат и наместо 80, ќе бидат 100 плус 30 преку проектот БРТ – дециден беше Ѓорѓиевски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4