Свет
Стармер ја покани јапонската премиерка во Чекерс по изборите во Јапонија
Британскиот премиер Кир Стармер денеска ја покани својата јапонска колешка Санае Такаичи да ја посети официјалната рурална резиденција на британските премиери Чекерс, но средбата ќе се реализира по нејзината евентуална победа на претстојните избори во Јапонија.
Стармер се сретна со Такаичи за време на кратка посета на Јапонија, на крајот од неговото четиридневно патување во Кина. Такаичи, која стапи на функцијата во октомври минатата година, се соочува со парламентарни избори закажани за 8 февруари.
Нејзината партија, Либералните демократи, владее речиси непрекинато во последните 70 години и, според анкетите, има големи шанси повторно да победи на изборите. Доколку тоа се случи, Такаичи ќе има официјална покана да ја посети Велика Британија и Чекерс подоцна во 2026 година.
Во соопштението по нивната 20-минутна средба, пред заедничката работна вечера, Стармер изјави дека со нетрпение ја очекува идната средба во Чекерс.
– Споделуваме витални интереси и принципи, но пред сè заедничка амбиција ова партнерство да донесе конкретни придобивки за двете земји, рече британскиот премиер.
Тој додаде дека одговорот на Британија и Јапонија на нестабилните глобални случувања треба да биде „со сила и јасност“, нагласувајќи дека двете држави имаат заеднички интерес за „слободна и предвидлива трговија“.
Такаичи, пак, изјави дека за време на вечерата ќе разговараат за соработка за остварување „слободен и отворен Индо-Пацифик“, како и за ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток.
Таа истакна и дека со Стармер разговарале за зајакнување на соработката во областа на кибер-безбедноста, стабилизирање на синџирите на снабдување со критични минерали, како и за заедничкиот проект за развој на нова генерација борбени авиони.
Посетата на Стармер на Јапонија уследи по неговото четиридневно патување во Кина, во рамки на напорите за „ресетирање“ на односите меѓу Лондон и Пекинг. Со делегација од над 50 бизнис и културни лидери, Стармер обезбеди намалување на царините за британското виски и воведување безвизен режим за британските државјани кои патуваат во Кина.
По средбата со кинескиот претседател Шји Џинпинг, Пекинг се согласи и да ги укине санкциите против британски пратеници.
февруари 1, 2026

