Скопје
Кисела Вода ги избра најдобрите спортисти за 2025 година
Во Општина Кисела Вода синоќа за првпат се одржа манифестацијата „Спортист на годината“, посветена на најдобрите спортисти кои со своите резултати ја промовираат општината и ја градат нејзината спортска иднина.
Признанието за најдобар спортист во машка конкуренција го добил мотоциклистот Кристијан Бузалковски, третопласиран во генералниот пласман на европскиот шампионат ФИМ Европа, додека во женска конкуренција приматот ѝ припаднала на Катерина Ацевска, освојувачка на бронзен медал на светското првенство во џиу-џица во Банкок.
Во категоријата спортист на годината – лица со попреченост, победник е пингпонгарката Олга Ристовска. За најдобра женска сениорска екипа е прогласен ЖОК Јанта Волеј, а за најдобра машка сениорска екипа- КК Ангели.

Постхумното признание за придонес во спортот му беше доделено на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, додека параолимпиецот Ванчо Каранфилов го понесе признанието „Спортска легенда“.
Во останатите номинации наградени се: Јаков Трајковски – најдобар млад спортист, Ива Богдановска – најдобра млада спортистка, ЖОК Јанта Волеј, ЖКК Бадел и ФК Кул Здравје -најдобри екипи во млади категории, Никола Јаневиќ – најдобар тренер, Игор Зафировски – најдобар наставник по физичка култура, Горан Јаневиќ – најдобар спортски работник, како и Меланија Гроздановска, која го освои признанието подвиг на годината за остварени три пласмани на државните првенства.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска потенцирала дека оваа манифестација не е само формален чин на доделување награди, туку и искрено признание за вложениот труд и јасна валоризација на постигнатите резултати.
-За наградените, ова е заслужена лична сатисфакција, а за сите млади од Кисела Вода порака дека успехот е достижен и дека нивната општина стои зад нив. Како градоначалник, но и како поддржувач на спортските вредности, искрено верувам дека спортот е една од најсилните алатки за градење здраво, активно и поврзано општество. Тој го гради карактерот, учи на фер-плеј, на одговорност и тимска работа, а воедно, преку остварените успеси, ја промовира Кисела Вода далеку надвор од нејзините граници. Големо задоволство е присуството на министерот за спорт Борко Ристовски, со кого преку заеднички проекти и усогласени активности создаваме подобри услови за тренинг, натпреварување и развој на младите. Им благодарам и на сите останати присутни гости кои со своето присуство ја збогатија вечерта и дадоа силна поддршка на нашите спортисти, истакнала Стаменкоска Трајкоска.
Градоначалничката посочила дека Општина Кисела Вода континуирано вложува во спортот преку материјална поддршка за училишни спортски клубови и здруженија, организација на Купот “Св. Ѓорѓи”, парични награди за талентирани ученици-спортисти, проектот „Спортуваме – Другаруваме” за ученици со посебни потреби, Шаховска лига, основање на Спортска академија, како и обнова и изградба на спортска инфраструктура и унапредување на спортот во училиштата. Истакнала дека нејзина цел како градоначалник, е секое дете да има пристап до спорт, секој млад човек можност за развој, а секој клуб соодветни услови за работа.
февруари 1, 2026

