Скопје
Ѓорѓиевски: Втора седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во новиот состав – континуитет, одговорност и јасна визија
Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска претседаваше со втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во новиот состав, на која беа разгледани и усвоени повеќе значајни прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредување на јавната администрација во државата, информираат од Град Скопје.
Седницата, како што нагласуваат од Град Скопје, се одржала во духот на континуитет, одговорност и јасна визија, со посебен фокус на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, јакнењето на институционалните капацитети на општините и воспоставување поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи за управување.
– Во таа насока, беше истакната важноста од воведувањето современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени, со цел поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво. Дополнително, беше нагласена потребата ЗЕЛС да настапува обединето и со единствен став по клучните прашања, со што се зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните – се вели во соопштението од Град Скопје.

По седницата, Ѓорѓиевски нагласи дека министерот за јавна администрација Горан Минчев го презентирал надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, сега поставен како единствен информативен центар за целата администрација.
– Со ова решение ќе се воспостави современ и функционален модел за собирање и управување со податоци за сите вработени, што претставува сериозен исчекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна јавна администрација. Неговата имплементација е повеќе од добредојдена и ќе донесе конкретни придобивки и за вработените и за јавните претпријатија. И на оваа седница повторно јасно нагласив дека Управниот одбор на ЗЕЛС е тело во кое политиката нема да има место. Така беше и во мојот претходен мандат, така ќе биде и во иднина.
Овде сме обединети околу заедничките цели и за многу прашања ќе мораме да настапуваме со единствен, заеднички став – нагласи градоначалникот на град Скопје.
Тој очекува силна, искрена и плодна соработка со сите членови, затоа што, како што потенцира, колку ЗЕЛС е пообединет, толку повеќе добиваат општините, а со тоа и народот.
– Воведувањето на комуналната полиција преку новите законски измени останува наш јасен приоритет за конечно воспоставување ред, дисциплина и поголема ефикасност на локално ниво. Убеден сум дека овој состав на Управниот одбор ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на процесот на децентрализација во интерес на граѓаните и рамномерниот развој на општините – вели градоначалникот на град Скопје и претседалел на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски.
јануари 31, 2026

