Connect with us

Општини

Реакција на „ВМРО-ДПМНЕ, Албанија” одлуката на албанската владата за прифатни центри во Општина Пустец

По најавата на албанската влада за изградба на три прифатни центри за мигранти на подрачјето на Општина Пустец, реагираше здружението „ВМРО-ДПМНЕ, Албанија“ изразувајќи сериозна загриженост и остро несогласување со оваа одлука.

Според зружението, оваа одлука е донесена без каква било консултација со македонската заедница, без вклучување на локалната самоуправа и без јавна расправа, што претставува директно кршење на принципите на транспарентност, локална автономија и демократско учество.

Се додава дека според официјалните документи објавени во Службен весник, оваа мерка произлегува од Националниот план за вонредни состојби за мешани миграциски текови за периодот 2026–2028, со кој се предвидува изградба на вкупно 20 прифатни центри низ територијата на Албанија во следните две години. Овие центри се планирани за мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ја користат Албанија како транзитна земја кон Европската Унија.

„ВМРО-ДПМНЕ- Албанија“ ја осудува практиката вакви чувствителни одлуки да се носат зад затворени врати, без дијалог со жителите на Пустец и без почитување на правата на македонското национално малцинство. Дополнително, планираните локации за изградба на овие центри се наоѓаат во рамките на Националниот парк Преспа, во непосредна близина на Преспанското Езеро – подрачје со исклучително значење за животната средина, културното наследство и туризмот. Целата Општина Пустец е заштитена зона, а селото Зрноско е дел од државната програма за 100 туристички села. Овие проекти директно го загрозуваат еколошкиот баланс, туристичкиот потенцијал и опстанокот на македонската заедница во регионот, стои понатаму во реакцијата.

Се посочува дека Македонците во Преспа не бараат мигрантски центри, туку долгорочни и одржливи инвестиции во патната и комунална инфраструктура, земјоделството, туризамот и економски развој, со цел да се спречи иселувањето и да се создадат услови за достоинствен живот во родниот крај.

„ВМРО-ДПМНЕ- Албанија бара: итно отстранување на Општина Пустец од планот за изградба на прифатни центри за мигранти, изработка и реализација на конкретни развојни проекти за регионот Преспа, кој со децении е занемаруван од сите досегашни влади. Доколку оваа одлука не биде повлечена, ВМРО-ДПМНЕ, Албанија ќе ги искористи сите законски и институционални механизми за заштита на колективните и индивидуалните права на македонското национално малцинство во Албанија, наведува здружението во својата реакција. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1