Connect with us

Свет

Литванија купува 12 германски оклопни системи за мостови вредни 210 милиони евра

Литванија се согласи да купи 12 оклопни возила за поставување мостови од типот „LEGUAN“ од германскиот производител на одбранбена опрема „KNDS Germany“, во зделка вредна околу 210 милиони евра, соопшти денеска литванското Министерство за одбрана.

Овие системи ќе бидат монтирани на шасија на тенкови „Леопард 2“, при што секоја единица ќе биде опремена со два моста со должина од по 14 метри и еден мост од 26 метри, се наведува во соопштението на компанијата. Договорот вклучува и набавка на резервни делови, специјални алати, како и обука за операторите и механичарите.

Литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас изјави дека новите оклопни возила значително ќе ја зголемат мобилноста и тактичката флексибилност на литванската армија на бојното поле.

– Овие возила овозможуваат брзо совладување на природни и вештачки препреки, што е од клучно значење во современото војување. Оваа набавка дополнително ја зајакнува одбраната на Литванија, но и на целиот источен крак на НАТО, истакна Каунас.

Литванија, која граничи со руската ексклава Калининград и со Белорусија, ја смета војната во Украина за директна закана за својата национална безбедност. Како членка на ЕУ и НАТО, земјата спроведува интензивна модернизација на своите вооружени сили, која вклучува и набавка на борбени тенкови „Леопард 2“.

Дополнително, во рамките на зајакнувањето на регионалната безбедност, во Литванија во иднина трајно ќе биде стационирана и една оклопна бригада на германскиот Бундесвер.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4