Connect with us

Свет

Балони од Белорусија влегоа во полскиот воздушен простор

Неколку воздушни објекти кои доаѓале од правец на Белорусија доцна синоќа влегоа во полскиот воздушен простор, што ги натера властите привремено да го ограничат цивилното воздухопловство во полскиот пограничен регион, соопшти денеска полската војска.

Армијата соопшти дека нема опасност за националната безбедност на земјата.

Полската гранична стража потврди на X дека првите испитани објекти биле шверцерски балони. Тие обично се користат за илегално испраќање цигари преку границата од Белорусија.

Врз основа на анализите на нивното однесување во летот и брзината, најверојатно се работи за балони носени од ветерот, соопшти Генералната команда на вооружените сили.

Полска, која е членка и на ЕУ и на НАТО, со години има затегнати односи со својот источен сосед Белорусија која е сојузник на Русија.

Полска и Европската Унија го обвинуваат белорускиот лидер Александар Лукашенко дека организирано носи мигранти од кризните региони до надворешната граница на ЕУ за да изврши притисок врз Западот.

Почнувајќи од средината на 2022 година, Полска ја обезбеди границата со Белорусија со ограда висока 5,5 метри и електронски систем за надзор.

На крајот на минатата година, сè поголем број метеоролошки балони од Белорусија влегоа во воздушниот простор над Литванија. Аеродромот во главниот град Вилнус мораше да биде затворан неколку пати.

Поради таа причина, во балтичката земја од декември е во сила вонредна состојба. Тоа им овозможува на властите и на војската побрзо да реагираат на повредите на воздушниот простор од страна на балони, пренесе ДПА.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4