Вести
Сиљановска – Давкова: Од успешноста на правосудните реформи ќе зависи дали нашето судство ќе има сила да каже „не“ кога политиката ќе му каже „да“
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието нагласи дека една од најважните работи за враќање на општествената доверба е потребата за право и непристрасна и навремена правда.
Таа посочи дека проектот Безбеден град покажал дека навиките се менуваат тогаш кога правилата важат подеднакво за сите, без врски и протекции.
-Но, потенцирам, нужен е системски пристап кон решавањето на сообраќајните проблеми врзани за соочување со неконтролираното градење коешто го оптоварува и парализира сообраќајот во определени градски делови. Во решавањето на овие проблеми клучна улога има и локалната самоуправа. Општините мора да ја зајакнат инспекциската контрола и урбанистичката дисциплина за јавниот простор да не бидат жртва на стихија и лични интереси. Правдата е основа на довербата и извесноста. Државата треба да ги штити граѓаните, а не граѓаните да чувствуваат дека треба да се штитат од државата односно од аномичниот судски систем, порача шефица на државата.
Нагласи дека затоа се важни реформите во правосудството, коишто започнуваат најпрво со донесување на новиот закон за Судски совет.
-Стариот закон беше генератор на криза во судството. Овозможуваше партизација, политизација, нестручност и некомпетентност. Со новиот закон, којшто го помина и строгиот филтер на Венецијанската комисија, за којшто верувам дека наскоро ќе го изгласате, се заоструваат критериумите за избор, се зголемува и транспарентноста. Затоа, наместо да брзаме со пополнување на испразнети места во Судскиот совет според старите критериуми, можеби е подобро да го почекаме новиот закон за да формираме меритократски темелен Судски совет, рече таа.
Посочи дека од успешноста на реформите во правосудството ќе зависи и развивањето на неговата отпорност на различни влијанија.
-Од успешноста на правосудните реформи ќе зависи дали нашето судство ќе има сила да каже „не“, кога политиката ќе му вели „да“. Од тоа ќе зависи, дали ќе ја зацврстиме довербата на граѓаните во правото и правдата, иако во правосудната сфера не постои формална обврска за усогласување со европското законодавство, јасно е дека без правна рамка компатабилна со најдобрите европски практики не може да има владеење на правото. Реформите мора да бидат водени од принципи, а не од партиски интереси. Од знаење и интегритет, а не од партиска лојалност, истакна претседателката.
Додаде дека во тој контекст нејзината одлука да се воздржи од номинација на двајца членови на Судскиот совет се додека не се донесе новиот закон не бил чин на пасивност, туку чин на одговорност.
-Свесна бев дека нема судски реформи со антиреформски профили креирани по мерка на партиите, а не по мерка на владеење на правото. Согласно новиот закон за Судски совет врз основа на јасни мерливи и строги критериуми ќе предложам добри кандидати, луѓе со неспорен интегритет, професионален углед и знаење. Со тоа ќе се прекине праксата на политички договори зад затворени врати и ќе се отвори патот за вистинска меритократија во судството. Само независен Судски совет може да биде гарант на правдата, се друго е илузија што ја плаќаат граѓаните, рече Сиљановска – Давкова.
Се осврна и на работата на Уставниот суд, нагласувајќи дека неговите одлуки не смеат да бидат под притисок на политиката.
-Во време на турбуленции неговата независност е од суштинско значење. Одлуките на Уставниот суд не смеат да бидат под притисок на политиката, туку да се темелат на правна аргументација и уставни принципи. Секогаш сум се залагала за почитување на институционалната рамнотежа преку системот на стеги и кочници. Претседателот нема право да ја узурпира судската власт, но има право да ја брани неговата независност. Само така институциите можат да функционираат како систем, нагласи претседателката.
Таа спомена дека на почетокот на годинава укажала и дека Законот за помилување во сегашната форма не обезбедува доволна правна сигурност, ниту транспаретност. Додаде дека помилувањето не смее да биде акт на дискреција без јасни правила, туку механизам со јасни одредби во јавен интерес, нагласи Сиљановска – Давкова.
декември 23, 2025


