Connect with us

Вести

Сиљановска – Давкова: Ако има решение за Украина и Молдавија, ЕУ лесно ќе се најде и за нас

Кому му одговара да бидеме надвор од ЕУ, ако не на третите сили? Кој отвора влијание за трети сили? Зарем е можно тоа да биде земја – членка на ЕУ и наш прв сосед? Како ЕУ претендира да биде геополитичка Унија, а притоа да ја држи нашата земја и Западниот Балкан во геополитички вакуум? Македонските евроинтеграции се школски пример за последиците од занемарување од процедурата како гаранција за демократијата, истакна претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во годишното обраќање пред Собранието.

Потсети дека пратениците од минатиот состав немале увид во содржината од вториот протокол од Договорот со Бугарија потенцирајќи дека кога ги соочува своите соговорници со овие и со многу други прашања има впечаток како претходно да не им биле предочени. – Се прашувам дали можеби ќе имавме поинаква преговарачка рамка и заклучоци ако лидерите на ЕУ и Европскиот совет биле навреме и соодветно соочени со ова, рече таа.

Забележа дека одредени политичари во минатото требало да градат политички консензус дома и оти треба да учиме од нашите соседи кои настапуваат едногласно и не ги негираат декларациите донесени во нивните парламенти.

-Разногласието за прашања од национален интерес од нас направи слаба држава. Двојните стандарди не доведоа до чудна ситуација, рече претседателката која кажа дека од една страна се уште има верба кај граѓаните дека ќе бидеме дел од ЕУ, но и растечки сомнеж дека кога било ќе бидеме дел од Унијата.

Според неа, има излез од оваа состојба, но потребна е политичка волја, но не само наша туку и на Унијата.

– Оти ние сме предложиле повеќе излезни решенија, а ЕУ треба да избере едно, да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас, потенцира Сиљановска Давкова.

Пораката што ја прати од Собранието е дека без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена ние ризикуваме од овој процес да излеземе со „соголен, изглодан идентитет и суверенитет, национален и културен“. Повика на едногласна поддршка за националните интереси, без разлика дали сме од власта или од опозицијата.

Сиљановска – Давкова рече дека Извештајот потврдува дека имаме стабилна економија, највисока техничка усогласеност со европското законодавство во регионот, и стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, сепак, оценката што доминира е ограничен напредок. Според извештаите на ЕУ државата била најдобро оценета во периодот 2017-2020 година, кога, како што потсети таа, беа потпишани и ратификувани Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција.

– Оттука, вистинската пречка за евроинтеграцискиот пат не се копенхагенските критериуми ниту реформите туку прифаќањето на решенија и услови што не се врзани со владеењето на правото. Што друго е новото барање за политичка подготвеност за пристапување, или политичка зрелост ако не де факто нов политички критериум воведен за да ја мери способноста на земјата кандидат да изгради стабилен политички консензус за членство во ЕУ во амбиент на длабока политичка и партиска поларизација. Во случајот со македонските евроинтеграции проблемот не е административен туку лежи во уставните амандмани. Ние сме технички усогласен но политички блокиран кандидат за членство, велат бројни експерти и извештаи, рече претседателката.

Кажа дека брзата лента на кои се најдоа некои земји кандидати не е резултат само на нивните реформи туку и на политичката волја на Унијата. – На вагата на ЕУ чинам дека нашите уставни измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Независно колку реформски постигнувања додаваме, политичкиот услов натежнува. Се испорачува многу висока политичка сметка. Најновиот услов е внесување на бугарите во нашиот Устав, рече Сиљановска Давкова. Во говорот таа се наврати за оценките на нашиот Устав од страна на европските и меѓународни институции.

Збворувајќи за референдумот, Преспанскиот договор, уставните измени и усогласувањата што мораа да се случат потоа Сиљановска Давкова кажа дека само уставните измени од 2014 година биле на оценка на Венецијанската комисија  и оти ако уставните промени беа гаранција за европски промени и хармонизација во духот на европското право ние одамна ќе бавме во ЕУ, ама се уште ни преговорите не сме ги започнале. Претседателката кажа дека речиси целата нејзина надворешно политичка агенда годинава била посветена и на евроинтеграциите.

– Веројатно, по промената на името, тешко ми е ова да го кажам, секоја друга промена на предлагачите им изгледа бенигна. Па нели проблемот беше во Преспанскиот договор, на кој што се повикува и последната декларација оти во членот 7 се утврдува дека името Македонија за втората страна значи територија, народ со своја историја, култура и јазик. Зарем за нас не важат гаранциите за националниот и културниот идентитет и интегритет како темелни вредности на кои што се повикува ЕУ во своите конститутивни акти, но и во декемвриската декларација, потенцираше Сиљњановска Давкова.

Што стана со почитувањето на политичките и уставните структури, со поддршката за склучување на договори со членките на ЕУ со соседите врз реципрочна основа утврдени во Договорот за ЕУ, праша таа.

-Во кој член со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, на чие спроведување исто така не обврзува исто така декемвриската декларација пишува дека треба да го смениме Уставот за да почнеме преговори? Може ли записник потпишан од двајца министри за надворешни работи, не баре конзули, да се амандманира меѓународен договор, а тој пак протоколот, синоним за записник, да стане дел од преговарачката рамка и од заклучоците, да стане причина за промена на нашиот Устав, рече претседателката.

Според неа, доколку бриселските уставни експерти направиле анализа на нашиот и уставот на Бугарија ќе виделе каде е проблемот во делот на малцинските права. Се наврати на препораките на Венецијанската Комисија за Бугарија од 2008 која побарала да го смени Уставот и да не остане само на општата недискриминатоска клаузула. Исто така посочи дека Бугарија не ги спроведува пресудите на Судот за човекови права добиени од Македонци на кои им се негира дури и право да формираат културни здруженија.

Во својот говор таа зборуваше и за надворешната политика, за правичната застапеност, за фемицидите, за животната средина…

На годишното обраќање на претседателката Сиљановска – Давкова присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претставници на судската власт, началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, претставици на верските заедници, на дипломатскиот кор и други.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3