Connect with us

Вести

23 декември 1906 година: Последните часови на аскетот во македонското револуционерно движење – Даме Груев

Летото 1906 година во Солун избила тн. „Мацанова афера“. Имено, при еден претрес кај учителот Андреј Мацанов, отоманските власти го заплениле неговиот дневник. Во него, тој од некаква опседнатост, бележел сè што знаел за повидните револуционери. Следејќи го дневникот, Турците затвориле 36 членови на ВМРО. Мацанов, поради чувство на вина и гризење на совеста, полудел во затворот.

Во таква неповолна состојба во јужна Македонија, по престојот во Софија, Даме Груев во септември таа година се вратил во Македонија и се нашол во Солун. Набргу, по неколку средби со тамошните дејци на ВМРО, Даме го напуштил градот. За да ја зацврсти организациската мрежа во овој крај, тој посетил и повеќе места меѓу Аматовското Блато и Дојранското Езеро.

За сè тоа, повеќе дознаваме од биографската книга за Даме Груев – „Подземната република“ од историчарот и универзитетски професор Ванчо Ѓорѓиев.

Кај местото Аматовско Блато, Даме имал повторна средба со американскиот писател Алберт Сониксен. Американскиот новинар кој само една година претходно минал неколку дена со четата на Груев во нивната „подземна република“ низ македонските планини, сега направил и една заедничка фотографија на Даме со Александар – „Сандо“ Китанов. За оваа последна нивна фотографија Сониксен пишува: „Малку мислев тогаш, за вредноста што ќе ја има тој портрет за Македонците“.

И тука – кај селото Горно Порој, Серско, Даме со четата бил опколен од турскиот аскер, но успеале да се извлечат.

Во истовреме, се наближувало времето за одржување на општиот конгрес. Во Софија, за крајот на декември биле закажани подготвителни советувања и затоа Даме се упатил кон главниот град на Бугарија. Беласица била успешно премината. Кај месноста Пржар над с. Смоларе за тоа сведочи бука позната како „буката на Дамјан Груев“, раскажува проф. Ѓорѓиев. Натписот, кога историчарот го посетил на почетокот од овој век, бил делумно обраснат и со покриен текст. Во првиот ред се читало само „АЛЕЯ“ (според тогашниот правопис и официјална азбука), а во вториот ред – половично се читало „(Д)АМЯНЪ ГР“. Постарите мештани раскажувале дека порано се читало и целото име. Но, како што кората на дрвото зараснува отстрана и го затвора натписот, истовремено основата на дрвото врз којашто записот е врежан – гние. Оттука, ако не се преземат мерки, текстот ќе исчезне. Историчарот оваа бука во 2005 година ја документирал со неколку фотографии.

На 21 декември 1906, четата на Груев пристигнала во селото Русиновo, Беровско, со цел влез во Кнежевството, којшто сепак, не се случил.

Четата влегла во селото и се сместила во куќата на Димитар Алаѓозов. Притоа, се случила кобна грешка: Иван Белчев прво не направил ништо за заштита на чета, т.е. не обезбедил стражари внатре и околу куќата, а потоа се скрил и не им помогнал на другарите.

Имено, во сплетот на несреќните околности, во куќата на Алаѓозови влегле двајца Турци и, качувајќи се по скалите, ги виделе комитите кои живо разговарале во собата на горниот кат. Турците, познати како Ахмед-ефенди и Ахмед, наместо да побегнат, се сместиле под скалите. Меѓутоа, и комитите ги забележале Турците во куќата. Поради тоа, Сандо и Даме веднаш почнале да бегаат низ скалите.

По скалите прв слегол Сандо Китанов. Турците тогаш отвориле оган, но Сандо (според раскажувањата на Никола Петров Русински) не бил погоден. По него, не знаејќи од каде доаѓаат куршумите, тргнал и Даме, кој се здобил со рана од куршум во десната нога. Потоа, другите четници излегле на задната врата.

Четникот Ѓорѓи Поп Стојанов од с. Владимирово, кој исто така, ја следел трагата на Китанов, бил погоден од два куршума и тој е првата жртва кај куќата. И Сандо е убиен, според едни сведоштва – недалеку од куќата, а според Русински – вон селото, во првичната последователна престрелка со аскерот. Китанов бил погоден со куршум в глава.

И Даме Груев и Ѓорѓи – „Карчо“ Карчев излегле од селото со помош на курирот Григор Митев Крапев, кој бил без оружје и не можел поинаку да им помогне. Тргнале неколку потери на војски, а раната на Даме, којашто крвавела, оставала црвени траги по пресниот снег на земјата. Стигнале до југоисточната стрмнина на врвот Петлец. И тука се развила борба, а Даме го испратил курирот за и тој да не падне како жртва.

Престрелката продолжила цела ноќ. Според официјалните отомански извештаи, Груев и Карчо биле застрелани при разденување од двајца стражари од околната караула. Меѓутоа, сепак останува отворено прашањето дали тие навистина биле убиени, или пак, откако биле опколени, се самоубиле поради недостиг на муниција. На тоа упатува фактот што во патрондашот на Даме не бил пронајден ниеден куршум.

Димитар и Божана Алаѓозови – домаќините на куќата каде што Груев и четата преноќевале, при враќањето од црква, биле убиени пред својата куќа. Нивната снаа била ранета.

Самопрогласениот селски војвода Иван Белчев за време на судирот во Русиново се криел во јаслите на едно магаре во штала. Селската револуционерна организација, огорчена од поведението на Белчев врз кого се товари цела вина за жртвите, го повикала на одговарност пред месниот револуционерен суд. Меѓутоа, Белчев, за да ја избегне казната – побегнал. Подоцна тој ги убил Мито Наков Тренчов и Георги Василев – и двајцата дејци на ВМРО. По повлекувањето на бугарските војски во 1918 година се преселил во Бугарија, а неговото семејство останало во Русиново. Подоцна се вратил, според историчарот Ѓорѓиев – по покана од српските власти во Македонија, кои му понудиле висока полициска служба, но меѓутоа, пред да стапи на должност, Белчев бил убиен од некогашниот селски војвода Васил Стоицов.

Според бугарските истражувачи Александар Пелтеков и Борис Николов, од друга страна, Белчев и во 1920. се борел со оружје против српската власт, а бил убиен од српските сили следната 1921 година.

Наредниот ден, турските власти издале наредба до селаните да ги приберат и погребаат загинатите. Така, Дамјан Груев, Александар Китанов и Ѓорѓи Карчев биле погребани пред црквата во Русиново, додека Ѓорѓи Поп Стојанов бил погребан во Владимирово.

Но, во истрагата потоа, заради точно утврдување на идентитетот на загинатите, валијата издал наредба за откопување и фотографирање на погребаните. Според Русински, откопувањето на телата се случило на третиот ден од Божик. Стручното фотографирање било направено од Гаврил Атанасов „Зографот“ од Берово.

Врз основа на фотографиите, било утврдено дека станува збор за Даме Груев. Валијата Махмуд Шефкет-паша ја претставил фотографијата со лицето на Груев пред дипломатите во Солун. Примерок добил и српскиот конзул во Солун, Владимир Љотиќ кој истиот го испратил во Белград. Врз основа на фотографијата, австроунгарскиот генерален конзул во Скопје, Алфред Рапапорт изработил скица од ликот на убиениот Груев, којашто подоцна ја поместил на првата страница на својата книга „Au pays des Martyrs“ (’Во земјата на мачениците’).

Врз основа на официјалниот извештај, и следејќи ја поранешната понуда на власта од 1.000 лири за главата на Даме, Големиот везир и Военото министерство ги наградиле турските војници и офицери кои придонеле во потерата. Така, јузбашијата Мехмед-ага добил орден „Меџидие“ од IV степен, јузбашијата Абдулрахман Шукри и муљазимот Закир-ефенди добиле орден „Османие“ од IV степен, а на тројца жандарми и 14 војници им бил доделен ореден „Меџидие“ од V степен и по 5 лири.

Убиството на Даме го привлекло вниманието и на Србите. Според Димитар Ризов – тогашен бугарски дипломатски претставник во Белград, српскиот печат и тамошната четничка средина ликувале за смртта на Даме. Српските кругови се фалеле дека Даме бил предаден од просрпскиот малешевски војвода Јово Стојковиќ, кој наводно, го потпомогнал походот на турскиот аскер против македонските комити.

Според Христо Матов, сепак, немало никакви показатели за такво предавство на Даме и неговата смрт се должела на слабата организациска поставеност во Русиново. Убиството на Даме Груев влијаело негативно врз целото македонско националноослободително револуционерно дело. Димитар Влахов подоцна вели: Местото што Даме го имал во македонското револуционерно движење остана празно. Според тоа, нема личност која би можела да го замени апостолот и волјата на револуционерна Македонија.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 4