Свет
Швајцарски претприемачи разговараа со Трамп за царините на нивната стока
Швајцарски бизнис лидери се состанаа со претседателот на САД, Доналд Трамп, за да се обидат да му го свртат вниманието на влијанието на царината од 39 отсто на стоката од нивната земја, соопшти денеска Министерството за економија на Швајцарија.
Трамп во порака објавена синоќа на неговата социјална мрежа „Truth Social“ напиша дека разговарал за „трговијата и трговските нерамнотежи“ со „високи претставници од Швајцарија“, без да ги наведе нивните имиња.
- Средбата заврши со договор дека нашиот трговски претставник Џејмисон Грир ќе продолжи со разговорот со швајцарските лидери, додаде Трамп.
Министерството за економија на Швајцарија соопшти дека средбата со Трамп била „приватна иницијатива на швајцарските бизнис лидери“ и дека на средбата немало никој од швајцарската власт. Не е прецизирано кои компании биле на тој состанок.
Швајцарија е меѓу земјите што се најтешко погодени од протекционистичката офанзива на Трамп со царината од 39 отсто воведена во август, која предизвикува голема загриженост, особено кај производителите на часовници, малите и средни индустриски претпријатија и производителите на чоколадо и сирење.
Фармацевтската индустрија, најголемиот извозен сектор на Швајцарија, е во неизвесност иако лековите се изземени од зголемувањето на царинската тарифа, но Трамп често се заканува дека ќе ги опфати и нив.
Кон крајот на септември, а потоа повторно на почетокот на октомври, Белата куќа објави договори со три големи фармацевтски компании: Фајзер (САД), АстраЗенека (шведско-британска фирма) и Мерк (Германија) за намалување на цените на некои лекови во замена за изземање од царини.
Во последните месеци, Трамп постигна компромиси со Европската унија и други земји во замена за отстапки и ветувања за инвестиции во САД.
ноември 6, 2025

