Министерството за внатрешни работи до медиумите испрати демант на текст објавен на порталот Макпрес во врска со чествувањето на 04-ти февруари и евентуалното присуство на бугарска полиција во Република Македонија.
Во продолжение го пренесуваме нивниот демант во целост и без никакви интервенции:
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите изнесени на порталот Макпрес дека за безбедноста во сабота ќе се грижат и бугарски полицајци. Станува збор за комплетна дезинформација и извртување на факти, имајќи ги предвид соопштенијата кои деновиве, во пресрет на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев ги сподели МВР со јавноста, како и неколкуте медиумски гостувања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски токму на оваа тема, што за еден новинар, кој без да праша, а притоа пласира небулози криејќи се зад потписот „Администратор“ е недозволиво и срамно.
Како што веќе информиравме, македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови – да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните.
Со изнесувањето на овие дезинформации, порталот Макпрес ги доведува во заблуда граѓаните на Република Северна Македонија и наместо да помогне во достоинствено одбележување на роденденот на великанот Делчев, што подразбира ангажирано и одговорно пренесување на проверени информации, а не одработување за нечии деструктивни влијанија со пласирање лаги кои имаат за цел само да наштетат не само на работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите, туку и на угледот на државата.
Оттаму, бараме порталот кој ги изнесе овие лаги да го повлече текстот и да се извини, а текстот со овие дезинформации да го повлечат и останатите портали кои без проверка на фактите го ископираа на своите страни.
Редакциски коментар:
Остро го осудуваме демантот на Министерството за внатрешни работи во кој на паушално ниво и без проверка на фактите се напаѓа порталот Макпрес и вработените во нашата редакција и бараме извинување од државната институција која не обвинува за „одработување за нечии деструктивни влијанија“ користејќи партиска реторика, добро позната за одредени политички партии.
Имено, текстот објавен на нашиот портал „Софија не верува во македонските институции: За безбедноста во сабота ќе се грижат и бугарски полицајци“ е вест во целост превземена од Телевизија Алфа (истата може да се види на следниов линк ) која што воедно беше и емитувана во централниот дневник на оваа телевизија. Единствено, различен е насловот.
Оттука, за нас е нејасно дали службите во Министерството кои ги следат информациите во медиумите и ги информираат претпоставените, а за тоа добиваат плата од буџетот на Република Македонија, односно од граѓаните на Република Македонија, се компетентни за тие работни места или пак се водат според максимата „да се каже дека сме сработиле нешто“ со оглед на фактот што демантот го упатуваат на погрешно место, за тоа ги информираат сите медиуми и пласираат лажни обвинувања за портал кој е дел од Советот за етика во медиумите и дел од Регистарот на професионални медиуми на ЗНМ.
Единствен логичен заклучок, за ваквиот однос на МВР кон порталот Макпрес, кој повторуваме дека е целосно неоснован и во најмала рака срамен, како што тие и самите го користат тој збор, е дека Министерството на внатрешни работи се приклучува на хајката од страна на државните функционери против медиуми, портали и новинари, хајка која ја започна лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја продолжи премиерот на Република Македонија, Димитар Ковачевски, а ја заокружи министерот за економија, Крешник Бектеши.
Редакција на Макпрес