За компаниите во земјава и регионот примената на ESG-принципите повеќе не е избор – тоа е стратешки чекор кон одржлив раст и поголема конкурентност на глобалниот пазар, истакна генералниот директор на„Алкалоид“ и член на Управниот одбор на АмЧам Северна Македонија, Живко Мукаетов на отварањето на ESG конференцијата што се одржа во Скопје под мотото „Градење отпорност во свет што се менува“.

Конференцијата беше посветена на стандардите за животна средина, општествени прашања и корпоративно управување (ESG), организирана од Американските стопански комори (АмЧам) од Северна Македонија и Србија, во соработка со АмЧам Албанија и Косово, а со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и кофинансирање од Европската унија.

Во својство на член на Бордот на директори на Американската стопанска комора, Мукаетов потенцираше дека иако општествената одговорност на компаниите (CSR) често се смета за правилната работа што треба да се направи, според него, ESG сè повеќе се препознава како паметен пристап, особено во контекст на глобалните предизвици и стремежот кон долгорочна резилиентност и одржливост на бизнисите.

Значењето на ESG-пристапот за градење долгорочна корпоративна отпорност беше нагласено и од шефот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје Фатих Туркменоглу.

Учесниците на конференцијата упатија повик за појаснување на регулативната рамка, воспоставување посилни стимулации и обезбедување техничка и институционална поддршка за градење капацитети, со цел да се овозможи поширока, посистемска и поефикасна примена на ESG-стратегиите во сите сектори на економијата. Потенцирана беше и важноста од усогласување на националните регулативи со стандардите на ЕУ за одржливост, имајќи предвид дека ЕУ е најголем трговски партнер на регионот.

По официјалното отворање, конференцијата продолжи со панел-дискусии посветени на: ESG во регулаторниот контекст на ЕУ, ESG-лидерство и еколошка транзиција, улогата на бизнисите во градење на силни заедници, враќање на довербата преку одговорно корпоративно управување и улогата на финансиските институции во поддршката на одржливи практики и декарбонизација.

Конференциите на АмЧам посветени на ЕСГ-стандардите продолжуваат да служат како платформа за поврзување на релевантните национални и регионални чинители, директно поддржувајќи ја пошироката агенда на АмЧам за периодот 2024–2028 година која дефинира конкретни цели поврзани со зелената транзиција, развојот на човечките ресурси и економската интеграција.