Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави новата книга на професорката Весна Мојсова-Чепишевска насловена „Конески како тестамент“, во годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 75 години од Филолошкиот факултет кој го носи неговото име.

На овој факултет, Весна Мојсова-Чепишевска триесет години ја остварува својата кариера како универзитетски професор по современата македонска литература и култура.

Ова нејзино најново дело е еден вид омаж за големиот татко на македонската научно-критичка мисла, но и за „патријархот на македонското писмо“ како што го нарекува познатиот грчки поет Костас Валетас.

Оваа книга, според авторката, е скромно, но искрено исчитување на еден дел од делото на Конески. Инаку критичко-есеистичкото дело „Конески како тестамент“ се развива низ две поглавја и тоа: Конески како поттик и Конески како инспирација.

Како што посочува, инспирацијата за самиот наслов доаѓа од сознанието дека настанала некој вид радикална промена во животниот стил на Конески во неговите последни денови, како и дека таа промена дошла до израз во неговото обраќање до македонската јавност на Рациновите средби во Велес на тема „Пишувањето на ‘мал’ јазик“.

-На секој одреден или фиксиран текст му претходи и одреден архитекст. Во оваа смисла книгава се гради преку дијалогот со вредностите кои ме опкружуваат како автор, како книжевно-историски и книжевно-теориски истражувач. Тоа е најискрен дијалог на мојата индивидуална свест со колективната свест на ова мое време, колективната свест која како најмногу да се манифестира токму преку делото на Конески, истакна авторката Мојсова-Чепишевска.

Инаку, Весна Мојсова-Чепишевска работи како универзитетски професот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од октомври 2019 година е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Авторка е на околу 350 објавени трудови во домашни и странски книжевни списанија, како и на седум книги од областа на критиката и есеистиката.


Администратор
27/10/2021 16:01