По собирот на политичката фракција во владејачката партија на Филипините ПДП -Лабан, популарниот сенатор и поранешен боксер Мани Пакјао денеска најави дека ќе учествува на претседателските избори следната година поради корупцијата и, како што рече, „лежерниот“ однос на претседателот Родриго Дутерте кон Кина.

Пакјао ја прифати номинацијата на неговите политички сојузници за време на националното собрание на неговата политичка фракција во владејачката партија ПДП-Лабан, само неколку дена откако ривалската фракција го назначи сенаторот Кристофер Бонг Го, долгогодишниот помошник на Дутерте, за свој претседателски кандидат.

– Јас сум борец и секогаш ќе бидам борец, и во рингот и надвор од рингот. Ја прифаќам вашата кандидатура за претседател на Филипините, истакна сенаторот Пакјао (42) за време на собранискиот говор.

Еден од најголемите боксери на сите времиња и единствениот кој освои светски титули во осум различни верзии во неговата 26-годишна спортска кариера, Пакјао важи за боксерска легенда, но и покрај неговата популарност, тој заостанува во анкетите зад ќерката на Дутерте, Сара Дутерте-Карпио, која е водечки кандидат.

Неколку недели откако го повика Дутерте поради неговите ставови кон Кина и досиејата за корупција, Пакјао во јули беше отстранет од позицијата лидер на ПДП-Лабан, но неговата фракција го отфрли неговото соборување.

Пакјао, некогашен близок сојузник на претседателот Дутерте, тврди дека повеќе од 10 милијарди пезоси (200 милиони американски долари) помош за санирање на последиците од пандемијата наменети за сиромашните семејства не се земени предвид, додавајќи дека тоа е само едно откритие во неговата истрага за корупција.


Администратор
19/09/2021 18:31