Секогаш кога како земја добиваме меѓународен извештај поврзан со човековите права, владеењето на правото, корупцијата или било која област, го гледаме како водич за тоа како да се подобриме и што да направиме повеќе од она што го правиме, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за МИА, дадено за време на неговата посета на Стразбур.

– Така што сите овие извештаи се добредојдени, бидејќи ни помагаат како да ја подобриме и легислативата и законодавството и институционалната пракса. Ние не бегаме од проблемите, не ги замолчуваме или замижуваме, напротив сакаме да ги решиме. Затоа со внимание пристапуваме кон секој ваков извештај и како Влада веднаш подготвуваме акциски план за нивно решавање, додава министерот за првада.

Тој нагласува дека земјава добива позитивни извештаи од Европската комисија за постигувањата во делот на европските вредности, како што се демократија, владеење на право и човекови права, корпус на обврски што произлегуваат од членството во Советот на Европа и се неизбежни во нашата европска интеграција.

– Имаме навистина видлив напредок и во делот на слободата на изразување, во делот на заштита на етничките групи и во делот на заштитата на другите слободи како што е слобода на организирање, како и на заштита на човековите права… последните неколку години имаме многу голем напредок и во делот на борбата против дискриминацијата и во заштита на поединечни категории, како што се права на децата, зајакнување на позицијата на новинарите за да се придонесе за зајакнување на слободата на изразување. Сите тие чекори се добро валоризирани и добро познати тука, ние ги претставивме и сигурен сум дека ќе влезат во европските извештаи, кога тие ќе бидат објавени на есен, вели Маричиќ.

Министерот Маричиќ престојуваше во неколкудневна работна посета на Стразбур, каде одржа повеќе средби, меѓу кои и со претседателот на Европскиот суд за човекови правда Роберт Спано, генерална секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ и со претставници на Венецијанската комисија. Маричиќ во Стразбур потпиша повеќе документи и договори.

Тој во интервјуто нагласува и дека на средбата со претседателот на Европскиот суд, Спано не разговарале за ниту еден конкретен случај против земјава пред Трибуналот, па ни околу амнестијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.

– Ние веќе објавивме дека во средината на јуни, нашиот владин агент ја претстави одбраната и испрати одбраната до Судот и сега тој документ со нашата одбрана е на разгледување кај апликантите, односно спротивната страна и сега се очекува одговор од апликантите, после што ние како влада ќе добиеме шанса да одговориме на нивните наводи и потоа Судот ќе треба да одлучува во текот на наредната година, додава Маричиќ.

Во продолжение следува интегралното интервју со министерот Маричиќ.

Имавте повеќе работни средби со највисоките раководители на Советот на Европа, што произлегува од овие средби што ги имавте во изминатите неколку денови во Стразбур.

– Овие денови во Стразбур навистина имавме успешна посета на повеќе тела на Советот на Европа, но главната цел беше потпишувањето на Протоколот 16 на Европската конвенција за човекови права. Со тој протокол се овозможува нашите највисоки судови во Република Македонија да стапат во директна комуникација за советодавни мислења до Европскиот суд за човекови права и сметаме дека тоа е една позитивна промена во нашиот систем кој што ќе овозможи подобро имплементирање на Конвенцијата, кај нас во Македонија. Исто така ја потпишавме „Медикрим“ конвенцијата, која што се занимава со кривично гонење или дефинирање на кривичното гонење на фалсификување на лекови и медицински производи во Европа денес. Тоа е многу важно во контекст на Кавад-кризата и сметавме дека треба да пристапиме со оглед на тоа дека ќе се прават измени и кај нас во Кривичниот законик, затоа ова е многу важно.

Покрај овие два инструменти, кон кои што пристапивме имавме средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права, судијата Спано на која што разговаравме за соработката. Ова е прва посета на министер за правда после долго време на Судот и навистина беше многу интересно и многу важно за нас да добиеме коментари од Судот за нашата соработка и како понатаму.

Имавме средба и со генералниот секретар на Советот на Европа, г-ѓата Марија Пејчиновиќ Буриќ и практично со неа ги потпишавме овие инструменти. Притоа договоривме и чекори за идната соработка. Имавме важна средба со претставниците на Венецијанската комисија на која што разговаравме за законите кои веќе се на разгледување во Венецијанската комисија, како што е предлог законот за Вонредна состојба, но и оние кои што следуваат: Законот за потекло на имот, Кривичниот законик, законот за Кривична постапка. За нив очекуваме мислења од Венецијанската комисија и многу ни значи за да направиме подобри и поуспешни верзии на законот.

Потоа имавме други средби во рамките на структурите на Советот на Европа кои што ги покриваат прашањата за демократија, човекови права и оние помошни тела како што се Комитетот против тортура, ЕКРИ, кривични дела од омраза и се она што е лепезата на Советот на Европа.

Сметаме дека тоа е една успешна посета, која што и ги претстави приоритетите и на нашата влада и на она што го правиме како институции за подобрување на сликата за Човекови права и за она што се грижи Советот на Европа, но исто така и да ги отвориме можностите за наш поголем ангажман како држава во рамките на Советот на Европа и овие тела, бидејќи навистина имаме што да покажеме и да споделиме.

Вие рековте дека имавте средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права, едно од прашањата кое што си го поставува македонската јавност е дали нашата Влада, односно нашиот претставник го даде својот одговор на барањето околу амнестијата на поранешниот претседател Иванов?

– На средбата со претседателот Спано не разговаравме за ниту еден конкретен случај, бидејќи тоа не е пракса и не воопшто соодветно да се разговараат конкретни случаи на такви средби. Ние веќе објавивме дека во средината на јуни, нашиот владин агент ја претстави одбраната и испрати одбраната до Судот и сега тој документ со нашата одбрана е на разгледување кај апликантите, односно спротивната страна и сега се очекува одговор од апликантите, после што ние како Влада ќе добиеме шанса да одговориме на нивните наводи и потоа Судот ќе треба да одлучува во текот на наредната година.

Имавте средби со највисоките претставници на Советот на Европа, македонската јавност можеби не знае дека Советот на Европа е гарантот за човековите права, за функционирањето на демократското општество на сите земји кои што се членки на Советот на Европа, но исто така и на земјите членки или кандидати за членство во Европската Унија. Дали разговаравте на таа тема за нашата кандидатура за членството и исполнувањето на условите, бидејќи кога се гледаат заклучоците на Советот на Европа, на неговите тела, нашата земја ги исполнува сите услови од т.н. критериуми од Копенхаген.

Ние сме членка на Советот на Европа, а не сме на Европската Унија, овде имаме конкретни обврски и должности кои што мораме да ги исполнуваме. Она што е битно е што во извештаите за напредокот на Европската комисија, редовно се известува за напредокот кој што го правиме во делот на заштитата на човековите права и сите оние теми поврзани со работата на Советот на Европа. Советот на Европа претставува важен дел од европските вредности токму поврзани со демократија, владеење на право и човекови права и затоа корпусот на обврски што ни произлегуваат од членството во Советот на Европа се неизбежни во нашата европска интеграција. Ние за среќа имаме позитивни извештаи во овие делови. Имаме навистина видлив напредок и во делот на слободата на изразување, во делот на заштита на етничките групи и во делот на заштитата на другите слободи како што е слобода на организирање, како и на заштита на Човековите права. Генерално, имаме добра институционална архитектура во делот на комисијата за борба против дискриминација, судска заштита, исто така преку Уставниот суд, но и преку други институции кои ги заштитуваат и унапредуваат овие права, Така што навистина, особено што во последните неколку години имаме многу голем напредок и во делот на борбата против дискриминацијата и во заштита на поединечни категории, како што се права на децата, зајакнување на позицијата на новинарите за да се придонесе за зајакнување на слободата на изразување. Сите тие чекори се добро валоризирани и добро познати тука, ние ги претставивме и сигурен сум дека ќе влезат во европските извештаи, кога тие ќе бидат објавени на есен.

Дури и кога имаше забелешки во некои извештаи, како во тој на Комитетот за превенција на тортурата, беше нагласено дека македонската Влада реагира позитивно и е отворена за дијалог за надминување на сите овие проблеми, кои се присутни не само во нашата земја, туку и во постари демократски земји.

– Секогаш кога добиваме меѓународен извештај поврзан со човековите права, владеењето на правото, корупцијата или било која област, го гледаме како водич за тоа како да се подобриме и што да направиме повеќе од она што го правиме. Така што сите овие извештаи се добредојдени, бидејќи ни помагаат како да ја подобриме и легислативата и законодавството и институционалната пракса. Ние не бегаме од проблемите, не ги замолчуваме или замижуваме, напротив сакаме да ги решиме. Затоа со внимание пристапуваме кон секој ваков извештај и како влада веднаш подготвуваме акциски план за нивно решавање.

Значи можеме да заклучиме дека Советот на Европа ќе продолжи понатаму да ја помага Македонија во нејзиниот пат кон Европската интеграција и Европската Унија.

-Апсолутно, Советот на Европа е простор каде што ние можеме многу да направиме за заштита на нашите интереси и за придонес на вредностите на Советот на Европа. Тоа е поле во кој што многу може да ни помогне во европските интеграции и во задоволување на основните демократски принципи и принципите на заштита на човековите права и владеењето на правото.


Администратор
12/09/2021 16:24