Деветмина писатели, издавачи, уредници од регионот ќе бидат гости на деветтото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од 19 до 22 септември во Скопје.

На годинашниот лауреат Мирча Картареску, ќе му се придружат писателите Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, Гојко Божовиќ и Калин Терзиски. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето на 19 септември, во Даут-пашиниот амам.

– Лауреатот Картареску е еден од најважните прозни автори, на самиот врв на европската литература. Најважните светски медиуми го сместуваат заедно со Исмаил Кадаре, Олга Токарчук…, а неговите книги може да се најдат на главните полици во книжарниците во САД, Франција, Шпанија, Италија, информираат од тимот на ПРО-ЗА Балкан.

На третата вечер ќе биде доделена наградата „Прозарт“ на лауреатот Картареску, а секој автор ќе прочита извадоци од своите дела.

На 22 септември, како што соопштија организаторите, ќе се одржи дополнителна програма „Александар Прокопиев за Гојко Божовиќ & Божовиќ и Прокопиев за Данило Киш“ во книжарница „Буква“.

Инаку, поддржувачи на фестивалот се „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона и Кинотека.Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“.

Фестивалот ќе се одржи во Даут-пашин амам, Кинотека, Europe House Skopje и во „Буква“.


Администратор
10/09/2021 12:11