Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа вели дека во финалната верзија на законот за продажба на државно земјоделско земјиште ќе бидат вклучени сите аргументирани забелешки на засегнатите страни, како и дека постапката за негова изработка ќе биде транспарентна и инклузивна. Од вчера одржаната јавна дебата за ова прашање, вели, произлегол заклучок дека ваков закон треба да има и оти останува да се допрецизираат деталите.

-Така што, сите што беа присутни во салата се согласуваат дека треба да има закон за продажба на земјоделското земјиште. Во ниту еден случај, ниту еден од земјоделците ниту од индивидуалците што присуствуваа Федерацијaта на фармери или другите засегнати страни не беа против да се донесе закон за продажба на земјоделско земјиште, рече Хоџа одговарајќи на новинарско прашање по потпишување на договори со претставници на осумте плански региони.

Целиот процес и до сега, рече министерот, е транспарентен и инклузивен, а така ќе биде и кога ќе го пуштиме во понатамошна владина процедура или собраниска процедура.

Тој нагласи дека во делот на големината на парцелите нема ограничување, односно не мора да биде над 10 хектари површина за да може да биде дел од продажба. Во врска со забраната за пренамена, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна дека со законското решение се забранува најмалку за наредните десет години тоа да може да се пренамени.

Хоџа одговарајќи на новинарско прашање во врска со доцнењето на исплатата на субвенциите истакна дека тоа е резултат на носењето на ребалансот на Буџетот.

-Во тек е процедура во Собрание за усвојување ребаланс на Буџетот. Значи тоа треба да се затвори следната недела ако не грешам, бидејќи е вратен во Собрание усогласениот текст на Буџетот и верувам дека веднаш после усвојувањето, кога буџетот ќе стане активен ќе се исплатат сите субвенции, рече министерот.


Администратор
23/07/2021 16:16