Со проекција на „Леб и чоколадо“ на Франко Брусати, на сцената на летното кино „Мирно лето“, вчера започна настанот „Недела на италијански филм“. Оваа година тематиката е емиграција, што се одржува по 21-ви пат во светот, а проекцијата во Македонија на тематски избрани филмови е достапна во Скопје и Битола.

Во аудиториумот на летното кино се обрати професорот Марко Пештели, селекторот на програмата на годинешната „Недела на италијански филм“.Заблагодарувајќи им се на домаќините на манифестацијата, директорот на Кинотеката Владимир Ангелов и вработените за соработката и поддршката, Пешетели го претстави тематскиот избор на филмовите со разни гледишта на емиграцијата.

-Повеќето од нив се комедии како вечерашниот филм со Нино Манфреди, многу познат актер, чија стогодишнина од раѓањето го одбележавме годинава, посочи меѓу другото професорот Пешетели.

Амбасадорот на Италијанската Република во Македонија, Андреа Силвестри поздравувајќи ги присутните на македонски јазик, говореше за идејата која ја одржува манифестацијата „Недела на италијански филм“ во светот и кај нас.

Говорејќи за феноменот на миграцијата, кој им е добро познат на Италијаните, но и на Македонците, амбасадорот Силвестри посочи дека денес надвор од Италија живејат околу 60 милиони луѓе со италијански корени. Амбасадорот ја соопшти и специјалната објава на отворањето, одликување на директорот на Кинотеката Владимир Ангелов со значка и плакета на Витешкиот ред Ѕвезда на Италија. Одликувањето го доделува италијанскиот Претседател Серџо Матарела, по препорака на Министерот за надворешни работи на Италија, за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура и кинематографија во Македонија.

Директорот Ангелов (р. 1968), уредник и селектор на филмски програми и во Кинотеката и на низа филмски фестивали во земјава, автор на многубројни стручни написи на полето на филмската критика, историја и теорија, посочи дека со големо задоволство и чест го прима орденот Витез на витешкиот ред „Ѕвезда на Италија“.

-Микеланџело Антониони рекол дека филм што може да се објасни со зборови не е вистински филм. Јас овој филм што ми се случува навистина не можам да го објаснам и затоа ќе се заблагодарам на сите што ме поддржувале, а некои од нив и се жртвувале во мојата 26 годишна кариера во Кинотеката. Ќе се заблагодарам на моето семејство, сопругата и децата, родителите, кои секако се жртвуваа, моето пошироко семејство, пријателите, колегите, истакна Ангелов.

Тој се заблагодари на Италијанската амбасада за професионалната и стручна соработка. Набројувајќи дел од пребогатата листа на автори и актери кои биле инспирација за него и која изговорена на македонски јазик звучи како поема, Ангелов на присутните им посака следните седум дена да уживаат во магијата на италијанските филмови.

Насловите на филмовите што се вечерта на програмата во 20:00 часот. ќе бидат репризирани следниот ден во 18:00 часот.

„Ги известуваме љубителите на филмот и пријатели на Кинотеката дека во овој период на променлива временска состојба, го задржуваме правото да ја промениме локацијата на било која од филмските проекции, со цел истите да бидат одржани, а не одложени до некоја метеоролошки поповолна прилика. Во случај на дожд, некои од проекциите наместо во дворот и летното кино Мирно лето на Кинотеката, ќе се одржат на затворено, во кино-салата на Кинотеката, информира Кинотеката.

Од Кинотеката додаваат дека билетарата е отворена секој ден од 19:00 часот и проекциите се бесплатни и започнуваат во 20:00 часот, со почитување на Ковид-мерките.


Администратор
18/05/2021 14:38