Со изработка на шест куси едукативни видеоматеријали за најексклузивните и најзначајните парични изданија коишто биле произведувани на територијата на современата македонска држава и презентации за ученици Музејот на Народната банка, ќе го одбележи Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај.

Како што сопштија од НБ, во соработка со основните училишта во општина Центар, Музејот на Народната банка организира е-презентации за учениците од 3. до 9. одделение, коишто започнаа вчера, а ќе траат во текот на целата работна недела.

Во текот на интерактивните презентации на кустосите и конзерваторите од Музејот на Банката, учениците ќе имаат можност да се стекнат со нови знаења за долгата историско-еволутивна патека на парите како едно од најважните технолошки откритија на човекот и посебно, за нивните карактеристични особености, својствени за овдешната македонска територија. Едновремено, дополнителната виртуелна прошетка ќе им открие и дел од нумизматичкото богатство изложено во постојаната музејска поставка, но ќе им овозможи да дознаат и за начините на кои специјализираната конзерваторска лабораторија се грижи за неговата физичко-хемиска заштита и зачувување.

Покрај ова, се посочува, во овие години на предизвици за културата и човековото делување во сферата на чувањето и промовирањето на културното наследство, Музејот на НБ, во рамките на одбележувањето на Денот на музеите, изработи шест кратки едукативни видеоматеријали за најексклузивните и најзначајните парични изданија коишто биле произведувани на територијата на современата македонска држава, почнувајќи од 6. век пр. н. е., па сѐ до отоманскиот период и се дел од Нумизматичката збирка на Народната банка.

Секоја видеобелешка ѝ е посветена на засебна монетоковачка активност во одделен историски период, претставувајќи единствена наративна серија којашто говори за паричната продукција на пајонските племиња, на пајонските кралеви, на македонскиот град Лихнид, на римскиот град Стоби, на средновековниот крал Волкашин и крале Марко и на отоманските ковници во Скопје, Кратово и Охрид.

Видеобелешките се достапни на веб-страницата на Народната банка, а во текот на оваа недела ќе бидат објавени и на официјалните страници на социјалните мрежи.

Преку ваквите форми на музејска едукација, Народната банка и натаму ги промовира своите заложби за зачувување на културното наследство, но и за одржување на јавната меморија за универзалната вредност на минатите цивилизациски достигнувања како фундаментален човеков принцип за постигнување сегашна општествена стабилност и иден технолошки напредок, се наведува во соопштението од Народната банка.


Администратор
18/05/2021 13:40