Министерството за култура соопшти дека Ислахането во Битола, објект од периодот 1894 – 1899 година, е ставено под заштита со акт што го донесе Управата за заштита на културното наследство по предлог на НУ Завод и музеј – Битола.

Ислахането е дел од старите турски училишта и академии во Битола, каде што професори биле познатиот Тефик-беј и Данали-ефенди со нивните ученици Кемал Ататурк и Али Фести-беј.

Училиштето започнало да работи околу 1900 година и било финансирано со државни средства, а во него се школувале деца кои биле сираци или од сиромашни семејства, така што истовремено функционирало и како сиропиталиште и како училиште.

Ислахането претставува објект кој, според оценката на надлежната установа НУ Завод и музеј – Битола, спаѓа во категоријата добро за кое основано се претпоставува дека претставува културно наследство што заслужува да биде ставено под заштита поради своите историски, културни и научни вредности.

Со актот за привремена заштита инициран по неодамнешната посета на министерката во Министерството за култура, Ирена Стефаоска во Битола, се утврдуваат границите на доброто и неговата контактна зона, како и режимот на заштита, со кој се утврдуваат ограничувања што произлегуваат од заштитниот статус. Рокот за привремена заштита, во согласност со закон, изнесува една година, кога надлежната установа Завод и музеј – Битола треба да изготви елаборат за валоризација на доброто, со што ќе се овозможи донесување акт за заштита, односно негова трајна заштита како културно наследство, информираа од Министерството за култура.


Администратор
07/05/2021 23:33