Во издание на „Менора“ од Скопје деновиве е објавена книгата „Хармонска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник“ ,на албански јазик, од проф. д-р Марија Дојче која предава на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.

Како што пренесува весникот „Илинден“, од издавачката куќа информирале дека објавата на книгата е реализирана со несебична помош на Васил Стерјовски.

-Се заложи за објавување на едно од многуте научни истражувања направени меѓу Македонците во преспанскиот крај во Албанија. Македонците во Преспа и во Врбник имале можност да соработуваат со авторката Дојче, која своите сознанија ги внела во овој труд, велат од издавачката куќа.

Авторката Марија Дојче десет години е професор на катедрата за соцологија на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча. Додипломски студии завршила на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Приштина, а постдипломски студии на Универзитетот во Тирана. Има спроведено и низа обуки во областа на позитивна психологија, ефективно родителство и критичко размислување на универзитетите Кент, Оксфорд и Монаш.

-Д-р Дојче продолжува да придонесува за истражувањето подобрување на научната и националната политика и за прашања на психокултурна интеграција на малцинско население кон мнозинското население. Таа има спроведено низа социопсихолошки студии за интеграција на националните малцинства во нашиот регион, наведува весникот.

Прнесува и дека објавувањето на книгата го поздравува Македонското друштво „Илинден“-Тирана и апелира до македонската влада да го помогне преводот и објавувањето на книгата на македонски и на англиски јазик.

-Апелираме до македонската влада да помогне со финансиски средства за превод и објавување на оваа исклучително важна книга за Македонците во Албанија, со цел нејзина достапност и до македонскиот читател. Секако, за меѓународна афирмација на животот на Македонците во Албанија, оваа книга би била многу полезна и во издание на англиски јазик, оценува друштвото.


Администратор
16/04/2021 13:53