Издавачката куќа „ПАБЛИШЕР“ ја објави книгата „Мала веројатност“ од холандската авторка Марјолајн Хоф. Преводот на македонски е на Ели Пујовска. Книгата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

– Малку тажен, а истовремено духовит, „Мала веројатност“ е необичен роман за растењето и за приврзаноста, љубовта и надежта, соопшти Издавачката куќа „ПАБЛИШЕР“.

Марјолајн Хоф е холандска писателка. Од 1999 година му се посветила на пишувањето. Дебитирала во 1999 година со романот за деца „Најубавиот цвет во квартот“. Досега има објавено дваесетина книги за деца и млади, преведени на 14 јазици, меѓу кои се истакнуваат „Мала веројатност“, „Преминување“, „Мајка број нула“, „Кога никој не гледа“, „Размавтан лебед“, „Дедо ми, јас и баба прасица и други“.

„Мала веројатност“ е преведен на 14 јазици, а според него во 2011 година е снимен филм што освои неколку награди. Освен за деца и млади, Марјолајн Хоф пишува драми и поезија и е една од најуспешните холандски меѓународни признати авторки за деца. Меѓу наградите што ги има добиено се и „Златно перо“ и „Златен був“ за книжевност за деца.