Младинскиот културен центар вечер на Фејсбук ќе го прикаже резултатот од Con-Front – европски мултидисциплинарен проект за одбележување на Првата светска војна преку културата. Копродукција е меѓу Le Grand Mix (Франција), Muziekclub 4AD (Белгија), Walk of Peace Foundation (Словенија) и Младинскиот културен центар (Северна Македонија), поддржана од програмата „Креативна Европа“ во рамките на Европската година на културното наследство 2018 година.

Ќе почне од 20 часот со краткиот филм „Hey Youth“ во режија на Кјара Катерина, а од 20:30 ќе следува видеопремиера на концертот одржан во 2019 година во Толмин, Словенија, во кој учествуваа и македонските уметници Мартина Баракоска и Јоана Ристеска, заедно со Коен Квинтин од Белгија, NUMeROBe од Франција и Само Вовк од Словенија. Визуелни уметници во преоектот се Ајлин Рејнс од Белгија, Луп Бластер од Франција и Нели Мараж од Словенија.

Уметнички директор е Белгиецот Матајс Бертел и под негово водство осум млади белгиски, француски, словенечки и македонски поп и рок музичари и визуелни уметници создале дела во кои музиката и сликите се поврзани. За време на престојот во различни места, уметниците биле инспирирани од приказните за воениот фронт што ја пресекол Европа од Исток кон Запад пред 100 години, како и од Втората светска војна, Балканските војни и тековната бегалска криза во Европа.

– Con-Front користи музика и слики за да ја раскаже универзалната и меѓународната приказна на граѓаните, кои се погодени од конфликтот и принудени да ја напуштат родната земја. Проектот суптилно испреплетува снимки од фронтот, архивски материјали, анимација и видео во една прекрасна целина, чија музика може да биде етикетирана како построк, електронска, неокласична и филмска. Реализиран е од страна на млад привремен меѓународен колектив, артистичка креација каде што совршено се вклопуваат минатото и сегашноста и кој ја обединува Западна Европа со Балканот. Колективната европска приказна за Првата светска војна се толкува на современ аудиовизуелен начин, соопшти МКЦ.


Администратор
07/04/2020 15:03