Организацијата Македонија 2025 ги поддржува првиот сет мерки на Владата за поддршка на економијата, но смета дека помошта не е доволна и дека треба да следат и други пакети мерки, кои, како што наведуваат оттаму, се во најава.

– Ја повикуваме Владата да реагира побрзо (со донесување нови мерки) и похрабро. Ова е вонредна состојба која бара вонредни мерки. Владата мора да покаже силно економско лидерство, а брзата реакција и поголема поддршка може да ја стави земјата на повисоко место на мапата на идните инвеститори и да ги пренасочи синџирите на набавка во корист на Македонија, наведуваат од организацијата.

Во коментарот на Македонија 2025 наведуваат дека по одредени првични проценки Владата во Македонија најавува дека ќе треба да потроши околу 100 милиони евра за да ја санира штетата настаната од вирусот. Тоа, како што појаснуваат, е околу 0,9 отсто од бруто домашниот производ (износ на БДП од 2019 г.) и е многу помал износ од средствата што ги вложуваат останатите земји од Европа за полесно да ја пребродат оваа криза.

Сметаат дека издвоениот износ финансиска поддршка во првиот пакет мерки е многу мал: со едноставни пресметки, ако просечен износ на кредитот е 16.500 евра, а вкупната поддршка е 5,7 милиони евра, тогаш значи дека издвоените средства може да опслужат околу 345 компании (во малку поразлична пресметка бројот на компании се искачува до 445 компании). Поддршката за платите треба да се дава од месец април, за месец март, а не со почеток на априлските плати (односно, од мај). Инаку, Владата има дефинирано одлични услови за користење на оваа мерка. Помошта треба да се прошири, во помал обем, на компаниите од категориите 2 и 3. Мерката за ослободување од аконтациите од данок на добивка е добра, но треба да се прошири и на други сектори. Од друга страна, предложените намалувања за т.н. парафискални давачки треба да бидат поголеми.

Сметаат дека итно треба да се донесе дополнителен пакет антикризни мерки, како зголемување на поддршката на стопанството до 1,5 отсто од БДП или 170 милиони ЕУР (4,7 отсто од планираните буџетски приходи во 2020 година), проширување на опсегот на сектори кои ќе бидат поддржани и категоризација според загуби, како што веќе предложивме, и по примерот на неколку земји на ЕУ, пример, Холандија, мерките да се применуваат од март, и да траат најмалку три месеци со можност за продолжување од три месеци, наместо сегашната важност од два месеци како на пример во Грција, Холандија, Хрватска и мерките да одговараат на потребите на бизнисите, наместо универзален пристап кон сите.

Според Македонија 2025, треба да се дизајнираат посебни пакети за подрршка на секторите што се важни за економската иднина на земјата, сектори кои креираат поголема вредност и поголем извоз.

Меѓу дополнителните мерки се државата да се обврзе на многу брз поврат на ДДВ, да не ја попречува ликвидноста, тримесечно одложување на плаќањето на ДДВ за компаниите, целосно замрзнување на социјалните придонеси и персонален данок на платите на ниво на минимална плата плус 20 отсто, барем во период од два месеци (почнувајќи веднаш), да се укинат дополнителни парафискални давачки, наместо сегашното предложено намалување на 2-3 такви давачки, намалување на платата на вработените во јавната администрација (одредени сектори кои немаат работа во овој период) за 20 отсто (солидарност) и искористување на овие средства за пакетите на мерки за поддршка, мораториум на присилна наплата на побарувања во рок од три месеци, укинување на затезните камати по основ на доцнење со плаќање на комунални услуги за јавните претпријатија, замрзување на сите предвидени зголемувања на плати и надоместоци во Буџетот за 2020, замрзнување на реализација на непродуктивни и несуштински расходи во буџетот (вклучително и капитални расходи) за кои е потребен увоз, замрзнување на плаќање на рати за кредити во март и април за погодените компании/сектори во договор со комерцијалните банки, и за граѓаните кои ќе изгубат работа или ќе примаат плата помала од 70 отсто од платата во моментот кога земале кредит, можност за одложено плаќање на јавни давачки при увоз (дополнителна категорија/листа на производи од оние за кои се укина плаќањето на царина) итн.

Македонија 2025 предлага поддршка на домашните компании што произведуваат стратешки производи, да се поттикнат и поддржат набрзо да го зголемат производството и да се гарантира откупот, во случај кризата да заврши побрзо од очекуваното и посебни мерки за поддршка на земјоделството, по примерот на Хрватска.

Според Македонија 2025, мошне важно е постојано да се следи кондицијата и ликвидноста на буџетот и да се наоѓаат извори на задолжување. – Без задолжување не можеме да ја пребродиме економската криза, без огромни штети, сметаат од Македонија 2025.


Администратор
02/04/2020 14:16