Македонскиот народен театар со претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, а во режија на Александар Морфов, на 8 декември ќе гостува на сцената на Народното позориште во Белград. Гостувањето се реализира во рамките на билатералната соработка меѓу двете театарски куќи.

Премиерата на претставата се одржа на 10 април 2016 година на големата сцена во Македонскиот народен театар. Оттогаш, покрај изведбите на репертоарот на матичната сцена, „Животот е прекрасен“ патува и надвор од границите на државата. Во 2017 година гостуваше во Хрватското народно казалиште, потоа на 41. Денови на сатира во организација и реализација на Сатиричниот театар Керемпух, Загреб, како и на театарскиот фестивал МИТЕМ во Унгарија во 2017 година, соопштија од МНТ.

Во актерската екипа се Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Благој Веселинов, Александар Ѓорѓиевски, Александар Михајловски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова, Анастазиа Христовска и оркестарот „Раскрши се“.

На визуелниот дел на претставата работеа уметници меѓу кои Никола Тороманов, сценограф, Марија Пупучевска, костимограф и Инга Красовска, кореограф.


Администратор
14/11/2019 12:43