Центарот за граѓански комуникации ја објави третата по ред годишна анализа за спроведувањето на тендерите од страна на институциите во кое се опфатени вкупно 21 институција, според транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки како дел од ЕУ проектот: Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки.

Клучните наоди од анализата за 2018 година се:

- Министерствата, владините секретаријати и Собранието просечно исполнуваат 55,2 % (од максимално можни 100 %) од критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки. Ова е мало подобрување во однос на претходните години (во 2017 година изнесуваше 53,6 %, а во 2016 година 51,7 %).

- Најмногу институции се рангирани во ’ограниченото‘ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, со исполнување на критериумите меѓу 40 % и 60 % (од можни 100 %). На врвот се Министерствата за економија и за одбрана, а на дното Министерствата за здравство и за образование и наука.

- Анализираните институции заедно потрошиле 124 милиони евра за јавни набавки во 2018 година. Поединечно, најмногу пари за јавни набавки потрошила институцијата која е најслабо рангирана, Министерството за здравство (39 милиони евра), додека, пак, Министерство за економија, како прворангирана, е во групата на институции со помал обем на јавни набавки (334.000 евра).

- Институциите со минимално ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во 2018 година потрошиле 31 % од парите, наспроти 2016 година, кога тој удел изнесувал дури 75 % од вредноста на тендерите на Владата и на Собранието.

- 86 % од институциите го објавуваат годишниот план за јавни набавки на своите веб-страници, само половина ги објавуваат огласите за јавните набавки, а само две ги објавуваат известувањата за склучените договори.

- Плановите за јавни набавки просечно се реализираат 65 %. Најниската реализација на една институција изнесува 32 %, а највисоката 92 %.

- Само четири институции просечно добивале повеќе понуди по тендер отколку националниот просек.

- Во дури 68 % од набавките, институциите определиле т.н. разумни рокови за поднесување понуди, односно подолги од законски минималните.

- Пораснала концентрацијата на фирмите на тендерите. Кај дури пет институции, уделот на еден носител на набавка во вкупната вредност на тендерите е повисок од 40 %, што се смета како праг за концентрација.

- Процентот на тендерски документации со дискриминаторски елементи кои можат да ја ограничат конкуренцијата е намален од 29 % во претходните две години на 18 % во 2018 година.

- Секој трет тендер на анализираните институции бил поништен. За разлика од ланските 25 %, за 2018 година процентот на поништени тендери изнесува 30,3 %. Поединечно, процентите се движат меѓу 10 % и 73 %.

- Намалено е користењето на постапката со преговарање без објавување оглас.

- Голем е уделот на анекс-договорите кај анализираните институции и во однос на националниот просек и во однос на ланската состојба.

- Зголемен е просечниот удел на доставени жалби од фирмите во вкупниот број огласи кај анализираните институции. Овој удел изнесува 5,7 %, што е повисоко од националниот просек за 2018 година од 3,3 % и од ланските 4,6 %.

- Се влошува одговарањето на институциите на доставените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Лани одговориле просечно за 38 дена, годинава за 42, иако максималниот законски рок е 30 дена.

- Малку институции имаат интерни правила за јавните набавки, особено за оние аспекти кои не се прецизно регулирани со законот.