Шест европски автори се гости на петтиот Фестивал на европската литература „Букстар“ кој го организира издавачката куќа „Антолог“. Под мотото „Отаде“ ќе се одржува до 10 октомври, а вечерва во Младинскиот културен центар за отворен го прогласи евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Истакна дека „Букстар“ е фестивал на добрата книжевност, кој ја слави обединувачката и трансформативната моќ на литературата. Нагласи дека Европската Унија се гордее со својата разноликост и дека овој фестивал се надградува на таа основа – обединува различни автори и овозможува индивидуална и културна размена.

-Културната размена е во основата на ЕУ и затоа програмата „Креативна Европа“ го поддржа овој фестивал и помогна да се донесат три исклучителни имиња од овој континент… Некој мудрец некогаш рекол дека детето кое чита станува возрасен кој размислува. Додека читаме, учиме за туѓи земји, настани, луѓе и искуства. Истовремено, како што учиме повеќе за другите, откриваме повеќе и за себе и стануваме поемпатични. Колку што читањето ни носи уживање, ги преиспитува и нашите ставови и идеи и сфаќаме дека нашите размислувања, искуства и доживувања се универзални, истакна Жбогар.

До 10 октомври пред книжевната публика во рамки на „Букстар“ ќе бидат претставени шест автори и нивни книги: Халдора Тородсен од Исланд, Михал Вивег од Чешка, Евгениј Водолазкин од Русија, Кадер Абдолах од Холандија, Слободан Шнајдер од Хрватска и Марко Шелиќ Марчело од Србија. Книжевните вечери и разговори со писателите ќе се одржуваат од 19 часот во кино „Фросина“ во МКЦ.

Организаторот наведе дека шесте автори заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ.

Основачот на „Букстар“ Жарко Кујунџиски е задоволен од досегашните изданија, а оваа година особено од изборот на гости.

-Четирите изминати изданија беа квалитетни, за сите дадовме сѐ од себе за да го организираме на најдобро ниво, но мислам дека овој е прв кој изгледа онака како што јас отсекогаш сум го замислувал. Ги имаме оние гости кои ги посакувавме годинава тука, во Скопје, кој од кој позначаен и подобар автор. Значајни прво во нивните матични средини, а вторично и на едно европско ниво, изјави Кујунџиски.

Покрај преставување на писателите гости, на „Букстар“ ќе има две книжевни дискусии на 8 и 9 октомври од 17 часот – „Да се биде европски романописец денес“ и „Во сенката на читателот“. Ќе се одржи и Саем на европската литература, на кој ќе бидат достапни книгите што ја добиле Наградата за литература на ЕУ, работилници и предавања на некои од писателите што гостуваат, како и музички настани во придружната програма.


Администратор
07/10/2019 22:27