Куќата на славните на рокенролот и медицинскиот комплекс кој е еден од најразвиените во САД се главното обележје на Кливленд, вториот по големина град во американската сојузна држава Охајо. Иако навидум мирен и не толку познат град, Кливленд е родното место и на еден од најпознатите НБА-играчи на денешницата Леброн Џејмс, а оттука се и креаторите на „Супермен“, американскиот писател Џери Сигел и артистот Џо Шустер.

Градот е основан во 1796 година и пред 100 години бил еден од најбогатите градови во САД. Прераснува во индустриски центар за производство на челик и железо. Тука се наоѓале рафинериите на Џон Дејвисон Рокфелер, познат американски индустријалец и филантроп. Но, поради падот на индустријата, веќе во втората половина на 20 век градот доживува привремен застој и се соочува со сиромаштија, невработеност и криминал.

Сместен е во североисточниот дел на САД, на местото каде што реката Кајахога, што на индијански значи Крива Река, се влева во езерото Ири. Има околу 300 моста, а по воден пат е оддалечен само 60-тина километри од Канада. Езерото има многу големи струи, а ветерот што доаѓа од Канада честопати создава големи бранови така што се случува да бидат потопени бротчиња, а незанемарлив е и бројот на удавени лица. Така, само од почетокот на годинава во езерото се удавиле околу 65 лица.

Градот се поврзува со името на НБА-кошаркарот Леброн Џејмс, кој важи за спортска икона. Речиси нема жител на Кливленд кој не знае дека Леброн Џејмс ја започнал својата кариера како член на „Кливленд кавалирс“, за потоа во 2012 година со тимот на „Мајами хит“ да ја освои својата прва шампионска титула. Тие се горди на неговите достигнувања – четири пати нaјдобар играч на НБА-лигата и три пати во финалните серии.

Но, освен кошарката и Леброн Џејмс, Кливленд е и град на безболот. Ако имате среќа да престојувате во Кливленд кога се одржува безбол-натпревар, тогаш имате среќа на најдобар начин да го почувствувате спортскиот дух во градот. Буквално тој ден сè е во знакот на безбол-клубовите кои играат, па така кај уличните продавачи по симболични цени може да се купат маици, беџови и разни сувенири со логото на омилениот клуб.

Сепак, главното обележје на Кливленд е Куќата на славните на рокенролот – Rock and Roll Hall of Fame, која е лоцирана во центарот на градот. Овој фасцинантен објект во вид на пирамида, уште на самиот влез плени со својата убавина. Логото „Long live rock“ поставено на самиот влез на музејот ветува незаборавно пловење во светот на рокенролот. Билетот чини околу 20 долари и по неговото купување почнува прошетката низ шесте ката на музејот исполнети со бројни експонати, кои биле или се сопственост на познати личности на рокенролот. А сето тоа е надополнето со бројни видеоматеријали од нивните настапи.

Музејот е така конципиран што практично се патува низ времето, па така од „Битлси“, Елвис Присли и Џими Хендрикс се доаѓа до Дејвид Боуви, Мик Џегер, Мајкл Џексон, „Ју-ту“, Тејлор Свифт и многу други кои оставиле траен белег во рокенролот. И како во секој музеј, така и во овој има посебен дел каде што може да се купат магнети, приврзоци, чаши, маици и други сувенири со логото на музејот, а може да се најдат и цели музички колекции од познати рокенрол-пејачи.

Објектот е дело на американскиот архитект со кинеско потекло Јо Минг Пеј, кој, меѓу другото, ја проектирал и стаклената прирамида пред музејот „Лувр“ во Париз. Првата идеја на Пеј била да се изгради кула висока 61 метар, но поради близината на аеродромот, објектот е намален на 49 метри.

Интересен е податокот дека Куќата на славните на рокенролот е изградена во Кливленд, иако во конкуренција биле и Њујорк, Мемфис и Синсинати. Но, градските власти на Кливленд силно лобирале овој музеј да биде изграден токму во нивниот град ветувајќи дека ќе дадат 65 милиони долари за изградбата. Нивните аргументи биле дека првиот концерт на рокенролот се одржал токму тука и оти диџејот Алан Фрид е заслужен за промовирање на рокенролот.

Кливленд живее за рокенролот. Уште при првото слетување од авион и поминување низ аеродромот може да се забележат експонати со гитари кои со своите живописни бои ги мамат погледите на минувачите.

И кога сме кај музиката, вреди да се спомене дека Кливленд има и посебна радиостаница за класична музика каде што работи 86-годишниот новинар Роберт Конрад. Тој може да се пофали со својата 70-годишна богата кариера, а за него колегите ќе кажат дека уште на петгодишна возраст сакал да работи во радио. Овој вљубеник во класичната музика и во радиото, иако има 86 години, сè уште доаѓа на работа секој ден.

Познат како град на биомедицината, Кливленд може да се пофали со еден од најразвиените медицински кампуси каде што е сместена Кливленд клиниката, која е втора најпозната во САД. Во овој кампус се сместени медицинската и стоматолошката школа, како и школата за алтернативна медицина. Овој регион познат како Кливленд клиник е толку развиен што има посебен поштенски број и секојдневно сообраќаат автобуси познати како „Health life“. Секоја година во овој дел од градот се одржуваат настани организирани од Американската асоцијација за рак.

Покрај високите згради, меѓу кои највисока е онаа на 52 ката, Кливленд може да се пофали и со 32-те ботанички градини кои изобилуваат со бујна вегетација. Во нив може да се сретнат растенија типични за заедницата која ја финансира изградбата. Има италијанска, руска, кинеска градина…, но, за жал, нема македонска градина.

Во близина на градините се наоѓа Музејот на уметноста, кој е еден од најголемите музеи во САД. Во него може да се најдат колекции од кинеската уметност, модерната европска уметност, африканската уметност, европската уметност, исламската уметност, американското сликарство и скулптура, грчката и римската уметност, современата уметност, средновековната уметност, декоративната уметност и дизајн, претколумбиската и северноамериканската уметност, јапонската и корејската уметност, индиската и југоисточната азиска уметност. Културно-уметничкиот мозаик на Кливленд се надополнува и со симфонискиот оркестар, кој е еден од петте најдобри оркестри во САД.

Овој типичен американски град плени со мешавината на старата и новата архитектура. Покрај висококатниците изградени во нов, модерен стил, се наоѓаат старите градби како сведоштво за едно минато време. Но, тие не се само споменик на минатото, туку денес се претворени во хотели, пивници и кафулиња кои често се посетени од туристите.

Билјана Анастасова-Костиќ


Администратор
10/09/2019 12:09