Постои огромен простор за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Чешка. Чешката фабрика за шински возила Локо Транс веќе најави своја инвестиција во Скопје, голем простор за соработка има во земјоделството, како и можности за инвестиции во производствени капацитети од обновливи извори.

Ова беше истакнато на средбата на економскиот владин тим предводен од вицепремиерот Кочо Анѓушев на средбата со чешкиот премиер Андреј Бабиш, на која тој зборуваше за тековната економска соработка меѓу двете земји.

-Преку мерките во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Владата обезедува голема поддршка на домашните и странските компании да основаат нови производствени процеси или да ги унапредат постоечките, со што ќе се подигне нивото на технолошки развој и ќе се отворат нови работни места. Тоа е можност и за заинтересирани чешки компании да дојдат да инвестираат во Северна Македонија. Чешката фабрика за шински возила Локо Транс веќе најави своја инвестиција во Скопје и тоа е еден чекор напред во интензивирање на меѓусебната соработка. Воедно постои голем простор за соработка во земјоделството, кадешто би можеле да ја интензивираме соработката и во однос на примарното производство и во преработувачката индустрија, но и во меѓусебната размена. Со новиот Закон за енергетика овозможивме изградба на нови производствени капацитетите од обновливи извори, што е уште една можност за инвестиции од страна на чешки компании“, нагласи Анѓушев, при што ги информираше гостите од Чешка дека е распишан јавен оглас за фотонапонски централи со инсталирана моќност од 35 мегавати на принцп на Премиум.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба присуствуваа и министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Бектеши потсети дека пред два месеци, во Скопје се одржа бизнис форум и средби помеѓу компаниите Чешка и Северна Македонија, на кој се воспоставени меѓусебни контакти, што е добар сигнал дека економската соработка ќе се развива во позитивна насока.

-За да се воспостави посилна економска соработка и да се зголеми трговската размена, компаниите од двете земји мора поинтензивно да комуницираат и воспоставуваат соработка. Владите од двете земји во април веќе иницираа и организираа бизнис форум, за да ги поттикнеме компаниите на соработка. Иницијалните контакти помеѓу компаниите се направени, се надеваме дека има заемен интерес да се подобрува трговската размена помеѓу двете земји, рече Бектеши.

Премиерот Андреј Бабиш ја искажа силната поддршка од страна на Чешката Република за евроатлантските интеграции на земјата и за политичките процеси што ги спроведува нашата Влада. Тој ги пренесе чешките искуства во евро-интегративниот процес, а со економскиот тим на Владата зборуваа и за тековните предизвици во областа на земјоделството, енергетиката, како и за надминување на јазот помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот, како еден од предизвиците со кои се соочуваат речиси сите земји во Европа.


Администратор
11/06/2019 18:09