Кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова на гостувањето на дебатната емисија на Македонската телевизија истакна ќе се обиде да ги разубеди или да одговори на дилемите на оние кои не излегле во првиот круг односно да ги убеди дека вреди да се излезе. Истакна дека ќе разговара и со Албанците, како граѓани, а не како партиска монета, и како што рече, ќе ги потсети на она што им е ветувано, а не е исполнето.

– Ќе разговарам отворено и со претставници на „Бојкотирам“, ги разбирам нивните дилеми, името е тоа што ги боли, апатијата, очекувале по заробена држава да не се случи киднапирана држава. Ќе разговарам со луѓето кои биле во ВМРО, но се разочарале, апстинирале на овие избори, рече Силјановска.

Тие полемизираа каков е нивниот однос кон Албанците и очекувањата за поддршка во вториот круг од таа етничка заедница. Според Пендаровски, неговата противкандидатка била против Рамковниот догвоор, Закон за јазици и против, како што рече, клучни документи кои ги унапредуваат правата на Албанците. Според него, Силјановска вечерва во излагањето ги менува ставовите: „Сега кажувате други работи за да им се додворите на албанските гласачи“.

Силјановска, пак, рече дека и како научник и како политичар, не е против проширени јазични права, но дека тоа е надвор од Уставот и законите. – Вие правите политики надвор од правото. Прашајте ги сите кои знаат уставно право, еве прашајте ја Рената Дескоска, што мисли за процедурата за донесување на Законот за употреба на јазиците. Одговорно тврдам дека дел од решенијата се надвор од Уставот и од Рамковниот договор, рече Силјановска.

*Платено политичко рекламирање