Мирниот, демократски и фер изборен процес, со што се избегна нова политичка криза, и потврдената поддршка за евроатлантските интеграции на земјата, се најважните пораки што ги носат конечните резултати од претседателските избори. Резултатите носат и пораки и за власта и опозицијата, оценуваат за МИА аналитичарите Петар Арсовски и Марко Трошановски.

-Мислам дека најважниот заклучок што треба да се донесе од изборите е дека сме успеале да избереме претседател во мирен и фер, нормален демократски процес. Тоа е најважниот заклучок, бидејќи тоа го става зад нас еден од најглавните ризици, а тоа е ризикот од нова политичка криза и дестабилизација. Помалку важно кој победи. Мислам дека резултатите носат пораки и за власта и за опозицијата, особено за албанскиот електорат, кои допрва ќе се анализираат и ќе видиме дали двата големи табора ќе извлечат поуки, како ќе постапуваат по тоа. Но, најважниот заклучок е дека, сепак, сме успеале да избегнеме нова политичка ескалација, вели Арсовски.

За Трошановски, ова за владата е трет изборен плус во кој земјата влегува по кризата, без сериозни изборни нерегуларности, демократски, фер избори со горе-долу коректна излезност, што е, вели, за поздравување и доказ дека системот на земјата е стабилизиран. За дополнителни 100.000 гласа за Пендаровски во вториот изборен круг смета дека е тешко да се процени чии се тоа гласови.

-Би рекол дека повторно се покажа дека овие 100 и нешто илјади луѓе неопределени, кои не гласаа во првиот круг, не беа убедени дополнително да излезат и да го дадат својот глас во меѓупериодот на кампањата, односно помеѓу двата круга, и дека во голем дел гласачите кои излегоа ако се види по изборните резултати беа од албанските гласачки средини. Колку се тие неопределени, колку се тие поддржувачи на ДУИ или претходни гласачи на Блерим Река е многу тешко да се каже. Партиите на Албанците особено, може да шпекулираат во свој интерес колку сакаат, меѓутоа реално е многу неизвесно чии поддржувачи се овие гласачи, така што допрва ќе видиме што се однесува до овие гласачи на некои следни парламентарни избори.

Меѓутоа, она што е важно, вели, е падот на поддршката за оваа Влада што смета дека е сериозно голем и дека на локално ниво многу општини се изгубени, како и позицијата на Мицкоски во партијата, која е зацврстена и консолидирана со овие претседателски избори.

-Може да кажеме дека како лидер на ВМРО-ДПМНЕ секако ќе ја води партијата и во претстојниот период, но исто така и дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не се преиспита и реформира е малку веројатно дека ќе може да цели кон поголем број на гласови, особено доколку не расчисти со своето минато, и настаните на 27 април и сите коруптивни зделки кои беа правени во време на претходната власт. Дополнително било каков потенцијал за коалиција со албански партии нема да го зголеми и секогаш ќе му виси над глава на ВМРО-ДПМНЕ колку и да бидат успешни на некои наредни избори, затоа мора внатрешно да бидат час поскоро реформирани, потенцира Трошановски.

Во однос на изјавата на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ е победникот на изборите и дека власта е делегитимирана, двајцата оценуваат дека опозицискиот лидер може да биде задоволен од изборниот резултат, но дека е рано да се зборува за делегитимација на власта.

-Мицкоски може да биде задоволен од резултатот, тоа е покачување од последниот негов резултат на локалните избори, а тоа дали власта е делегитимирана или не – мислам дека е рано да се донесе заклучок. Секако дека таму има порака дека граѓаните би сакале некаква побрза динамика на спроведување на реформите, но мислам дека тоа е преран заклучок и мислам дека треба да се почекаат парламентарните избори. Еден од главните заклучоци кој се наметнува е дека граѓаните се уште сакаат да го задржат курсот по кој се движи државата, можеби се незадоволни од динамиката, вели Арсовски.

Трошановски ваквата изјава ја толкува во контекст на политичката култура, која кај нас вели се уште не еволуира, бидејќи не видовме честитка од завршното обраќање до јавноста од кандидатката Силјановска до Пендаровски за победа на изборите, ниту самокритично прифаќање на изборните резултати од која било партија. Тоа на што веројатно алудира Мицкоски е, како што претходно посочи, загубата на поддршката во многу општини.

-Доколку ги земаме изборите како индикатор за поддршката на кандидатите на локално ниво, во таа смисла власта има голем пад, се разбира, меѓутоа не станува збор за делегитимација секако, тоа е дел од партиската реторика, мотивацијата на членството за да се продолжи борбата и партискиот ентузијазам кај членовите, меѓутоа не е реален, дециден е Трошановски.

И Трошановски и Арсовски се согласни дека изборните резултати на некој начин ја зацементирале поддршката која луѓето ја даваат на Преспанскиот договор.

-Ако главен аргумент во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ беше редефинирањето на Преспанскиот договор, бројот на гласови кои ги добија, а кој беше секако помал од сите претходни изборни циклуси што ги имала партијата, укажува дека темата на Преспанскиот договор е затворена за јавноста и дека ниту може дополнително да се капитализира на истата, ниту пак може да се изгуби на истата. Луѓето во мнозински дел го имаат прифатено и тоа е нешто со кое треба да продолжиме во понатамошните предизвици од реформирање на нашето општество, смета Трошановски.

Арсовски посочува дека изборот на Пендаровски покажува дека мнозинството граѓани без разлика на етничката припадност, го поддржуваат курсот по кој се движи државата со се Преспанскиот договор и дека тие се за евроатлантски интеграции.

-Дали тоа значи некаква порака во насока да ги забрза тие процеси – владеење на право, реформа на државна администрација или економски напредок секако дека да, но не гледам во резултатите желба за ревизија на Преспанскиот договор, вели Арсовски.

Честитките кои и оваа година изостанаа од противкандидатите до победникот, за двајцата аналитичари се израз на нивото на политичката култура и очекуваат политичките партии и политичарите сериозно да поработат на својот политички бон-тон.

– Очекувам во друга следна прилика професорката да му ја честита победата на Пендаровски. Мислам дека од овие политички битки секако мора да извлекуваме додадена вредност во политичката динамика и политичкиот живот на земјата. Не можеме вечно да ги негираме придобивките од легитимни натпреварувачки процеси, не можеме да не ја признаеме победата на кандидатите, низ процес што не е компромитиран од изборни нерегуларности, бидејќи на тој начин ги делегитимираме и самите институции. Мораме, исто така, да ги прифатиме и придобивките од владеењето на една или друга гарнитура. Не можеме постојано да негираме дека ниедна нема направено ништо добро за земјата и да се фокусираме само на негативните аспекти од нечие владеење или, пак, да правиме манипулација, бидејќи ние не растеме како општество, не создаваме заедничка вредност и основа врз која што може да ги градиме вредностите на земјата. Оттука, секој еманципиран политичар, секој визионерски политичар и државник би требало да го има на ум и да го практикува во својата реторика, истакнува Трошановски.

-Мислам дека тоа прашање е повеќе прашање на политички бон тон. Можеби е прашање на некаква политичка стратегија. Мицкоски тврди дека имало многу нерегуларности, но не е тоа нова појава. Мислам дека партиите треба да поработат малку на својата политичка етикета, бон-тон. Се уште доминира негативниот ПР и негативната кампања во македонскиот политички дискурс, така што не сум сигурен колку брзо тоа може да се смени, вели Арсовски.


Администратор
07/05/2019 11:48