ЕУ и НАТО во центарот на вниманието во кампањата на власта и за претседателските избори, вака одлучиле оние задолжени да ја планираат кампањата на Стево Пендаросвки, брифираат извори во власта. Речиси идентично како што беше и предреферендумската кампања, кога во центарот на сите средби со граѓани и митинзи беа ЕУ и НАТО, а многу малку се слушна за тоа што ги чека граѓаните со преспанскиот договор и промената на името.
Па така, сведоци бевме на билборди и изјави за подобри вакцини со станувањето на членки на Унијата, за поголеми плати и вработувања. Власта организираше и ЕУ и НАТО концерти кои не привлекоа никого освен членството и симпатизерите на власта. Иако НАТО се реализираше, ЕУ останува да биде се уште само сон: ако се земат предвид континуираните забелешки за правосудниот систем, лошата економија, превработената администрација.
Дека во центарот на вниманието и овој пат ќе биде ЕУ, односно НАТО, со други зборови демонстрација на преспанскиот договор како победа зборува и доаѓањето на грчкиот премиер Алексис Ципрас на самиот старт на кампањата, кој заедно со Зоран Заев ќе го отворат Бизнис форумот што ќе се случува во исто време со кампањата.
Уште еден аргумент дека ова ќе бидат главните адути на власта во кампањата е и лошата оценка од германските бизнисмени за македонската економија. Тие ја оценија со нула бизнис климата во периодот додека кормилото е во рацете на оваа извршна власт.