Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го изготви и објави Првиот извештај од мониторингот на медиумското известување за Претседателските избори 2019 година, што се однесува на периодот од 9 февруари до 6 март 2019 година, а во кој не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.

-Резултатите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите на Изборниот законик, стои во извештајот во кој што е анализирана 24-часовната програма на телевизиските и радио каналите на Јавниот радиодифузен сервис на македонски и албански јазик и на 11 телевизии на државно ниво.

Во врска со појавувањето на новинарка на МРТ1 како водителка на 18-та Конференција на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ, се посочува, не беше констатиран прекршок бидејќи таа не се појави во прилозите од овој настан на програмите на мониторираните радиодифузери.

-Агенцијата упати укажување до јавниот сервис за потребата стриктно да се почитува законската одредба според која уредници, новинари, водители и презентери во радио и телевизиските програми, не смеат истовремено да учествуваат и во предизборни активности на политички партии, се наведува во Извештајот.

Тема од континуиран интерес во дневно-информативните емисии на медиумите, според извештајот, биле подготовките за изборите за претседател на државата, особено на тројцата кандидати. Истовремено, се наведува, медиумите известувале за секојдневната меѓупартиска комуникација којшто го отсликуваше ривалството меѓу политичките партии, особено меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, се додава, неретко била замаглена разликата меѓу Владата и владејачките партии, односно и при обвинувањата и при одговорите постои мешање на тоа што е во надлежност на партија, а што на државен орган или носител на функција.

Јавниот радиодифузен сервис ги исполнил обврските да обезбеди информирање и за лицата со оштетен слух, како и да емитува дебати и информации од Државната изборна комисија за изборниот процес. Информации за лицата со оштетен слух обезбедила и ТВ 24 Вести.

Првиот извештај од медиумското известување за Претседателските избори 2019 е достапен на веб страницата на АВМУ.


Администратор
14/03/2019 14:49