Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, смета дека претстојните претседателски избори се важни за добивање препорака за пристапните преговори на земјава за членство во ЕУ.
При посетата на Општина Гостивар, Која одговарајќи на новинарско прашање за улогата на ОБСЕ за претстојните избори напомена дека во тек е мониторинг.
– Ова се редовни претседателски избори што доаѓаат по завршувањето на мандатот на актуелниот претседател. За ОБСЕ се навистина важни, а сметам дека ќе бидат особено важни и за Европската Унија, која во јуни ќе одлучува за давање на датумот за пристапни преговори. Важно е изборите да бидат слободни и фер и да ги следат сите правила. Затоа претставници на ОБСЕ/ОДИХР од Варшава веќе пристигнаа за да го набљудуваат изборниот процес, рече Која.
При посетата на Гостивар, амбасадорот Која се сретна со градоначалникот Арбен Таравари и во разговорот се запозна со состојбите во општината и реализацијата на повеќе проекти, кои, како што рече, одат во интерес на овдешната заедница.
По состанокот, на прес-конференцијата градоначалникот Таравари ја истакна соработката што локалната самоуправа ја има со мисијата на ОБСЕ.
– Разговаравме за достигнувањата и предизвиците со кои се соочуваме во Општина Гостивар, но и генерално за политичката ситуација во Северна Македонија, со посебен акцент на претстојните претседателски избори. Благодарен сум за големиот придонес на претставниците на ОБСЕ што го дадоа за функционирање на Советот на општината и за усвојување на стратегијата за Ромите на општинско ниво, истакна градоначалникот Таравари.
Шефот на мисијата на ОБСЕ искажа сочувство за трагичната автобуска несреќа во која пред еден месец загинаа петнасет лица.