Во присуство на брojни гости, традиционално во рамки на манифестацијата Македонски Квалитет, беа прогласени десетте добитници на престижното признание за 2018 година, кое го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на претседателот на Република Македонија.

Признанијата ги доделија претседателот на Република Македонија Н.Е д-р Ѓорге Иванов, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) г-ѓа Данела Арсовска, како и претставници на претседателството на Сојузот. Комисијата составена од членови на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, согласно прецизно воспоставените критериуми и оваа година, внимателно ги селектираше македонските претставници кои имаат традиција во создавање и одржување на национален бренд.

Добитници на Признанијата се: Ансамб Студио Фолклор, Адора Инженеринг, Универзитет за туризам и менаџмент, Рафајловски Консалтинг, Специјал Продукт, Тинекс, Ендомак, Митковски ММ, Греемак Гроуп и Бироком.

Годинава на свечената манифестација, во посебна церемонија доделено беше и високо признание на претседателот Иванов за исклучителен придонес и поддршка на македонскиот приватен сектор и националната економија.

-Зад ова признание стои напорна работа, верба и визија за промоција на македонскиот квалитет. Признанието е дополнителен поттик за 10-те добитници да продолжат да се развиваат, да вложуваат во својот развој и напредок и да работат на својот квалитет. Тие се веќе препознатливи брендови и допрва ќе ги освојуваат странските пазари. Нивниот успех е успех и на Република Македонија, истакна претседателот Иванов пред доделувањето на признанијата.

Овие позитивни примери се гордост и успех и се значајни имајќи предвид дека тие функционираат и остваруваат раст во услови на турбулентен економски амбиент. За добитниците ова признание е само мотив плус и поттик да продолжат со нивната работа и во иднина, во духот на досега препознатливите вредности.

Доделувањето на традиционалното признание за квалитет е поттик да се продолжи со успешната работа и да се претставува државата со квалитет и доверба. Оваа престижна манифестација, се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година при што секоја година се доделуваат 10 признанија за Македонски квалитет.


Администратор
07/12/2018 15:43