Граѓанската асоцијација МОСТ на вечерашната прес-конференција соопшти дека одѕивот на гласачите на референдумот според ПВТ програмата до 18 часот е 33 проценти со маргина на грешка од +/- 0,6 проценти.

Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов изјави дека од набљудувачите и регионалните координатори на МОСТ добиени се и потврдени информации дека на гласачкото место 1961 во општина Тетово регистрирани се 10 случаи на некористење на УВ ламбата, при што ИО не реагирал на ваквата појава.

- На растојание помало од 100 метри пред ГМ 2484 во општина Гази Баба отворен е промотивен штаб ЗА. На ГМ 2666 во општина Кисела Вода член на ИО на глас ги читал имињата на гласачите што гласале, ги повикувал другите да не доаѓаат да гласаат и ги нарекувал предавници. На ГМ 2457 во с. Радуша, општина Сарај, набљудувач се мешал во работата на ИО при што ИО повикал полиција. Направен бил записник, а гласањето било прекинато во период од 40 минути, рече Алексов.

Натаму, посочи, на гласачкото место 1863/1 во с. Мислешево, општина Струга, гласач во кутијата пуштил празен лист хартија, а гласачкото ливче успеал да го изнесе надвор од избирачкото место. Била повикана полиција која го идентификувала лицето.

- На гласачкото место 1883/1 во с. Октиси, општина Струга ИО ги отстранил сите набљудувачи од гласачкото место со изговор дека немале валидни акредитации од ДИК, иако до 17 часот непречено го следеле процесот на гласање, посочи Алексов.

Тој најави дека МОСТ ќе извести за резултатите од ПВТ програмата за одѕивот и рапсределбата на гласовите веднаш по пребројувањето и сумирањето на гласовите на избирачките места.

- МОСТ 16 години го следи овој процес досега никој не се пожалил од тоа кој е начинот на кој работиме, и како и за што ја известуваме јавноста. Постои Кодекс за домашно набљудување на изборите, што има тежина на подзаконски акт и со секои избори е изгласан од ДИК, рече Алексов запрашан да го искоментира тоа што најголем дел од неправилностите се однесуваат на набљудувачите.

Според него, на овој референдум се акредитираа повеќе организации кои го набљудуваа референдумот.

Во однос на тоа дека многу граѓани не можеле да гласаат поради фактот што ги немало на избирачкиот список, Алексов рече дека МОСТ внимателно пристапува кон сите дојави и информации и мора прво да ги проверат за да си ја задржат принципиелноста.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33 отсто од вкупниот број гласачки места во Република Македонија.


Администратор
30/09/2018 19:46