Во случај на избори граѓаните кои гласаа „ЗА“ за ЕУ, НАТО и Договорот, кои не се само наши поддржувачи, ќе имаат втора шанса, одново да ја пратат пораката, вели вицепремиерката и министерка за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска во интервју за грчката телевизија Скај.

- Луѓето кои гласаа за ЕУ, НАТО и за Договорот не се само наши поддржувачи. Сакаат да видат перспектива за земјата и тоа што го гледаат овие денови е дека и покрај силното „ДА“, опозицијата можеби ќе се обиде да ја блокира оваа можност. Ако се случи ова, навистина верувам дека сите овие луѓе ќе се обидат да ја земат оваа втора шанса за повторно да ја пратат пораката, формирајќи мнозинство кое најверојатно ќе оди напред. Во политиката не постојат безбедни облози, вели Шекеринска и додава дека потребно е да му се покаже на народот дека „нивниот избор и нивниот глас одлучуваат за иднината“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, вицепремиерката и министерка за одбрана, во интервјуто за Скај, ги објаснува и следните чекори на македонската Влада, велејќи дека оваа седмица, најмногу за 10 дена, ќе се разговара со пратениците и политичките партии за да се увиди дали постојат реални перспективи за двотретинско мнозинство. Во тој случај, вели, нема да губат време, бидејќи се земаат предвид тесните временските рокови од договорот.

- Ако овој обид е неуспешен и пратениците не ја видат пораката што ја испратија 600.000 граѓани, ќе одиме на втората демократска опција, а тоа се предвремени избори, објаснува Шекеринска.

Во однос на кампањата за референдумот, министерката за одбрана коментира дека била успешна и успеала да го промени јавното мислење за договорот, а како пример споменува дека во истражувањето на јавното мислење минатиот јануари, само 18 отсто од народот беше „ЗА“ договорот за името, ако тоа значеше влез во Европската унија и НАТО .


Администратор
02/10/2018 12:03