Од општинските изборни комисии во Дебар и Центар Жупа потврдуваат дека сите активности поврзани со гласањето на рефендумот во недела на 30 септември се одвиваат во најдобар ред.

Во Општина Дебар ќе се гласа на 27 избирачки места, а во единствениот избирачи список се запишани 18.318 лица со право на глас, што е за 88 лица помалку од последните избори.

- Во текот на утрешниот ден правото на глас треба да го искористат 27 болни и изнемоштени лица. Нивниот број, споредено со последните избори е помал за девет лица, изјави Али Реџа, секретар на дебарската општинска изборна комисија.

Во Општина Центар Жупа, во единствениот избирачки список запишани се 6.686 лица со право на глас, што е за 124 гласачи помалку во однос на последните избори.

- Во недела во нашата општина ќе се гласа на 16 избирачки места. Утре кај нас нема да има гласање на болни и изнемоштени лице бидејќи до предвидениот рок не е добиена соодветна пријава за тоа. На последните избори гласаа четири болни и изнемоштени лица, изјави Еран Зубер, претседател на ОИК -Центар Жупа.

Кај комисиите е пристигнат доверливиот материјал што, како што велат, заедно со гласачките кутии на избирачките одбори ќе им биде распреден во текот на утрешниот ден.