Куманово во секој момент направи се за да ја имаме денешна Македонија и горд сум што сите застануваме зад една идеја, Македонија да биде успешна, да ја градиме онака како што посакуваме сите, рече пред граѓаните министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на трибината Излези За Европска Македонија во кумановскиот центар за култура.

- Ако Македонија немаше цел да стане дел од ЕУ и НАТО немаше да се преговара. Ако сакаме да ги оствариме тие национални цели, тогаш моравме да преговараме, да ја измириме Македонија со соседите, да го вратиме угледот на Македонија, рече Спасовски.

Тој рече дека договорот ја води Македонија кон извесна иднина и носи иднина за граѓаните. Важно е додаде, да се интегрираме за да не останеме осамени и нагласи дека сега е можноста да одиме напред по вистинскиот пат, заради идните генерации, со што ќе се оправда борбата на предците и ќе се заокружи кога Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ. Оваа генерација е историска, посочи Спасовски.

- Одредени политичари, опозиционери излегуваат со став дека немаат став, рече Спасовски. Осврнувајќи се на раководството на опозицијата изрази жалење што ја пропуштаат историската можност, и ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат и да бидат дел од историскиот процес и развојот на Македонија.

НАТО, додаде значи безбедност, гаранција на територијалниот интегритет и мирна иднина за генерациите. Со стабилноста има и развој на економијата,рече Спасовски посочувајќи примери на земјите од регионот кои влегоа во НАТО и каде се зголемиле инвестициите, платите. ЕУ значи европски вредности, посочи Спасовски, нагласувајќи вредности во сите сегменти на живеењето, културата, образованието, економијата.

- За тие вредности се боревме изминатите 11 години заради немање таков систем ни заминаа младите, рече Спасовски.

Членството значи отварање на Македонија кон европски пазар, можност за инвестиции, за инфраструктура, за користење на фондови, рече Спасовски и додаде дека таквите можности не се пропуштаат.

Македонија, истакна, направи компромис, преку кој ќе се остварат националните цели. Прашања од договорот, додаде предизвикуваат емоции, но крупните одлуки во државите се носат со разум и јасна визија.

Тој потсети дека европските и светските лидери со доаѓањето во Македонија, покажале дека ќе не поддржуваат, но граѓаните се тие кои треба да гласааат.

На 30 септември треба да гласаме за иднината на државата, за просперите и развој на Македонија, рече Спасовски. Тој истакна дека опозицијата се залагала за аменстија на поранешното ракводство и порача дека амнестија нема да има и оти нема поголема сила од граѓаните. Ги повика кумановци да гласаат за иднината на Македонија.

Пред кумановци се обратија и поранешниот градоначалник и членови на СДСМ Зоран Дамјановски и Александар Арсиќ, кои повикаа граѓаните да излезат и да гласаат за европска Македонија.