Полека Македонија влегува во кампања за референдумот. Се чини, постојат многу нејаснотии околу ова прашање, пред се правни. Организирањето или повикувањето на бојкот можеби политички е опортуно, но дали правно е легално и легитимно.

- Според мене не постои и не треба да постои забрана во нашиот правен систем, ниту за повикување, ниту за организирање на бојкот на референдумот. Кривичното дело кое се толкуваше во јавноста како основ за забрана на организирање на бојкот на референдумот, според мене има друга смисла, друго правно битие, односно забранува друго однесување. Мене лично ме загрижуваат различните толкувања на Кривичниот законик. Ме загрижи на пример толкувањето на Кривичниот законик кое беше применето во обвинението кое Груевски во 2015 година го читаше за Заев дека извршил насилство кон највисоки државни функционери, т.е. извршил насилство кон него. Тогаш бев шокирана од тоа што го слушнав и од тоа дека лидерот на опозицијата се обвинува дека при разговор со премиерот во премиерскиот кабинет, со разговорот извршил насилство врз него. Се прашував колку може да е некој монструозен да може да смисли вакво толкување на Кривичниот законик и да измисли вакво обвинение. Јас сум застапник за либералното толкување на човековите права и мислам дека тие треба да имаат предност во заштитата. Секако може да дојде до нивно ограничување заради заштита на одредени вредности, но секогаш мора да се води сметка за принципот на пропорционалност и најмало ограничување на правата. Но, случајот со обвинението за насилство кон највисоки државни функционери и ова последно толкување за забрана на организирање бојкот, ме наведува на мислата дека треба сериозно да ги преиспитаме формулациите во Кривичниот законик за да внесеме правна сигурност на граѓаните и да избегнеме можност за злоупотреби од страна на органите на прогонот.

Што доколку не се постигне очекуваната излезност. Дали враќањето на прашањето во Парламентот ќе го направи Договорот со Грција кредибилен?

- Како правник јас гледам три можни исходи од референдумот. Едниот е доколку има цензус и мнозинството одговори потврдно на прашањето. Во тој случај сите институции ќе треба да ја спроведат волјата на граѓаните, а тоа значи објавување на Договорот, уставни измени и сл. Другиот е доколку има цензус и мнозинството одговори негативно на прашањето. Во тој случај, исто така, сите институции ќе треба да ја спроведат волјата на граѓаните, а тоа ќе значи повлекување на Собранието и Владата од договорот. Третиот исход е доколку нема цензус. Тоа значи дека не е донесена одлука на референдум и се остава на институциите да ја донесат одлуката. Кредибилитетот на понатамошното одлучување ќе зависи од бројот на граѓани кои ќе излезат на гласање и бројот на гласови кои ќе бидат дадени за секоја од можните опции за кои ќе се изјаснуваме.

ЕУ имаше најсериозни забелешки за состојбите во правосудниот систем, забележувајќи дека Македонија е „заробена држава“. Ќе се ослободи ли Македонија од „сваровски судиите“?

- Работиме на подобрување на законската рамка за судовите, но ќе работиме и на прецизирање на законската рамка која ја применуваат судиите, со цел да се остави мал постор за манипулирање со нормите. Процесот на реформи во судството нема да е лесен, но дијагнозата е поставена, цврсто сме решени реформите да ги истераме, а на тој план имаме и експертска помош од ЕУ и САД. Факт е дека корупцијата во судството беше дел од сеопштата корупција во државата. Како ќе се сетеснува просторот за сеопшта корупција, така ќе се стеснува просторот за корупција во судството. Во процесот на искоренување на коруптивно и непрофесинално однесување на судиите партнер ни е и мора да ни биде слободната јавност и силното јавно мислење и подготвеноста критички да се опсервира работата на судовите. Една од причините за инсталирање на заробената држава во Македонија порано беше што јавноста беше целосно задушена. Сега тој проблем веќе го нема, што е чекор напред.

Дали само со менување на законите за обвинители и Кривичниот законик може да се смени перцепцијата за состојбите во судството? Дали не е потребен и поинаков начин на избор на судии и обвинители и особено на евалуација на нивната работа?

- Начинот на кој се избираат судиите и обвинителите преку Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не е невообичаен во другите земји. Еден дел од измените на законите кај нас ќе ги опфати критериумите за избор и основите за разрешување на судиите. При тоа ќе се воведе обврска да се направи ранг листа врз основа на прецизни критериуми, при што прворангираните ќе бидат избирани за судии или претседатели на судови.

До каде е со истрагата и заклучоците за АКМИС системот во судовите. Ќе има ли конечно некаква разврска, санкција за местењето предмети или се ќе остане само во сферата на шпекулации?

- Министерството за правда ја заврши својата обврска за правење на извештај што е доставен до обвинителство и објавен е јавно. Одговорот за текот на постапката треба да го побарате во обвинителството.

Веднаш по стапувањето на функцијата министер за правда најавивте ревизија на Законот за извршување. Ветивте поправеден систем со помали трошоци во постапките пред извршителите. Дали во брзо време може да се очекуваат промените во ова законско решение?

- Измените на Законот за извршување и на Тарифата за извршување се финализирани. Но за пакетот да биде целосен потребни се измени и во Законот за платен промет и во процедурите на постапување во банките при блокирање сметки. Тој закон не е во надлежност на Министерството за правда, ниту пак е законот кој се однесува за отпишување на камати и евентуално отпишување на долгови.

Најавени се измени и на законската регулатива за спречување на корупцијата, односно најавен е нов начин на формирање на Антикорупцискиста комисија. За што поконкретно станува збор?

- Го менуваме составот и начинот на избор на Комисија за спречување на корупција, заедно со зголемување на надлежностите на комисијата. Целта е да се зајакнат надлежностите и постапките што ќе доведе до избор на членови со интегритет и политички независни кои ќе претставуваат ефикасен механизам за спречување и борба против корупцијата.

Општо познато е дека состојбата во затворите е многу лоша, за што укажуваат и странски експерти, но и Народниот правобранител. Како Македонија да дојбие поквалитетен затворски систем, подобри услови, но и колку пари тоа ќе ја чини?

- Процесот на подобрување на условите во затворите е започнат. Минатата недела го отворивме реновираниот дел во Идризово. Сега сме во процес на истакнување приоритети во планирањето на ИПА фондовите, при што еден од приоритетите ќе биде и реновирање и на други затвори. Веројатно Штипскиот ќе биде еден од оние за кои ќе бараме европски средства.

Дали МП упати ново барање за екстрадиција на бегалците Грујовски и Бошковски, по одбивањето од Врховниот суд на Грција за нивно предавање. Ве прашувам затоа што тие деновиве повторно се актуелни, бидејќи е побарано преку видео врска да сведочат во предметот „27 април“, што претставува првиот посериозен тест за македонското судство?

- Не е упатено ново барање, бидејќи се уште не сме го добиле одбивањето. Штом добиеме известување од грчкото Министерство за правда, ќе ја обновиме постапката.

Даниела Маркоска Алексовска


Администратор
07/09/2018 13:37