Заедно со електричните кабли и санитарните плочки беа откорнати и последните спомени за ЈНА како симбол за братството и единството на Југословенските народи.

Прогласувањето на независноста на Македонија отвори пат да се оствари уште еден вековен стремеж – Македонија конечно да има сопствена Армија и сама да се грижи за својата безбедност.

На 17 ноември 1991 година Собранието го усвојува првиот устав, според кој Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а предвидено е за одбраната да се организираат сопствени вооружени сили. На 21 февруари 92та, тогашниот претседател Киро Глигоров и претставниците на ЈНА потпишуваат договор за дислокација на федералната армија од земјава.

Таа повлекување завршува пред определениот рок, така што на 27 март 1992 година, македонската територија ја напушти и последниот нејзин војник. При повлекувањето, ЈНА си го зема речиси и целото вооружување, а Македонија остана речиси без ништо. Она малку, претежно пешедиско вооружување беше искористено пред се за обука на идните млади војници на АРМ.

Претходно, нашите војници организирани во Територијална одбрана успешно го извршија преземањето и обезбедувањето на границите, но и на воените објекти низ земјава.

„Додека се оддржуваше референдумот, додека се донесе Уставот, во Република Македонија постоеше Југословенската армија а политичките односи беа поприлично напнати. Секогаш беа на едно ниво да избувне некој тежок инцидент кој што може да има мултиплицирани негативни последици. Како што се знае, Југословенската армија се повлекуваше со сето оружје нејзино, плус тоа, празнејќи и некои магацини од оружјето на територијалната одбрана кое што инаку беше платено со републички средства и припаѓаше на територијалната одбрана. Најостар сукоб кој што беше, така да се каже, со прстот на чкрапецот и кај што можеа да паднат жртви беше амбицијата на македонската безбедност да не го дава еден патронен чамец од охридското езеро кој што беше со модерна електроника и кој што имаше екран и можеше со радари да ја следи цела површина и тука полицијата и армијата беа со калашникови еден кон друг“ вели Владо Поповски, Министерот за одбрана на Република Македонија во периодот од 1992 до 1994 година.

„Ние имавме право да остане 7 % од целата техника која ја држеше ЈНА“ сметаше Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија во 1992 година, генерал Митре Арсовски.

„ЈНА си однесе се. Дури го однесе и брашното од резервите. Армијата имаше големи резерви на брашно, ориз, на се што е потребно од намирници кои требаат за 15 дена војна. Овде во Македонија имаше околу 315 тенкови и сите си отидоа на север, само два тенка најдоа во прилепската касарна кои беа расипани и неможеа да ги носат. додава тогашниот НГШ на АРМ, Арсовски.

Од денешна гледна точка, скоро сите граѓани на Република Македонија го оправдуваат потегот и реченицата на покојниот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот“ кој го потпиша договорот со заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФРЈ Благоја Аџиќ за дислокација на ЈНА од територијата на Република Македонија.


Администратор
02/08/2017 05:02