Доживотниот Југословенски претседател Јосип Броз Тито според документите е роден на 7 мај,1892 но тој официјално го славеше роденденот на 25 мај, денот што во 1957 година беше наречен Ден на младоста.

На 25 мај 1945 година ЦК на Сојузот на комунистичката младина на Југославија организира прослава на роденденот на Маршалот. Од следната година се организира штафетното трчање на младите - на 25 мај 1946 во Загреб Тито ја добива првата штафета со порака во чест на неговиот роденден. Од 1957 тоа станува штафета на младоста. Првата штафета на младоста тргнува од Кумровец, родното место на Тито, а секоја наредна година симболично тргнува од друго место во СФРЈ.

Денот на младоста беше воведен во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) по иницијатива на младината на Крагуевац.

Главниот симбол на празникот беше Штафетата на младоста, која беше носена еден и пол месец на територијата на цела Југославија и на 25 мај му беше предавана на Тито на свеченост организирана на стадионот на ЈНА во Белград.

Носачите на Штафетата на младоста беа примерни млади луѓе – најдобрите ученици и студенти, млади работници, истакнати спортисти, односно оние младинци кои се истакнувале со своите напори и успеси.

Штафетата на Тито му беше предавана сѐ до неговата смрт во 1980 година, но нејзиниот живот продолжи и потоа. Ја наследија претседателите на тогашниот Сојуз на социјалистичката младина на Југославија, кои ја примаа како симбол на љубовта и предаденоста на Титовото дело сѐ до 1987 година.

Штафетата на младоста, која во пресрет на Титовиот роденден на денот на неговата смрт 4 мај беше во Хрватска, го прекина своето патување и беше положена на одарот на југословенскиот претседател во југословенскиот парламент.


Администратор
25/05/2018 02:24