Куќата на улицата Водњанска бр.40, спроти Клиничкиот центар, е една од оние во кои трагичното утро повеќе луѓе ги загубија животите. И со неа е поврзана една драматична и необична приказна, каква што само животот и случајот можат да напишат.

Во Скопје, пред земјотресот, млекото се продаваше во големи стаклени шишиња, кои во метални гајби се разнесуваа по продавниците. Голема редица имало тоа утро на 26 јули пред самопослугата, од најраните утрински часови. Кога пристигнале шефот на самопослугата и благајничката, во исто време пристигнало и млекото. Но, за чудо, само во една мала гајба со 12 шишиња. И тие малку шишиња што ги имало, шефот одлучил да ги достави во болницата, за нејзините потреби. Настанала караница, негодување, при што, одговорното лице морало граѓаните да ги избрка надвор во дворот.

Во тој миг се случил земјотресот, и додека оние избрканите од продавницата ја избегнале смртта, шефот и благајничката загинале. Куќата се урнала до темел.

Жалејќи за караницата и за она што се случило, граѓаните се обиделе нешто да сторат за да ги спасат, но веќе било доцна. Тоа е уште една трагична игра меѓу животот и смртта во големата скопска трагедија.

Пишува: Данило Коцевски


Администратор
25/07/2017 19:56