Невидената трагедија што му се случи на Скопје во земјотресот од 26 јули 1963, сe уште се раскажува низ многубројни драматични приказни, кои некои запишувачи ги нарекуваат и скопски вистинити легенди.

Една старица што живеела во куќата на аголот каде што се сечеле улиците 11 Октомври и Ѓуро Салај, во близината на Зеленото пазарче, секое утро одела да купи млеко и леб за домашните. Во куќата живеела заедно со синот и снаата и со двете внучиња. Станувала многу рано, затоа што и нејзините домашни, синот и снаата, рано заминувале на работа. Се искрадувала од креветот многу тивко, без да ги разбуди домашните, особено внимавајќи на внуците. Но тоа утро на 26 јули се случило нешто необично. Кога старицата станала од креветот, ја забележале внучињата, и тие сакале да заминат со неа на пазарот.

Старицата се противела, но сепак, на крајот се согласила да ги поведе и нив со себе. Никогаш претходно не го правела тоа. Излегле од куќата во тоа мирно, летно скопско утро, и пред продавницата се задржале, чекајќи во редицата. Потоа тргнале назад, и кога стасале точно пред куќата, се случил кобниот настан. Земјотресот. Со ужасен татнеж и потрес, куќата пред нив се урнала до темел. Сите во неа загинале. По игра на случајот, старицата ги спасила своите внуци, кои тоа утро инсистирале да тргнат со неа. Таа трагична слика која ја пренеле весниците, хроничарот ја опишал вака: “И еве како старицата клечи до урнатата куќа, а внуците седат на голата земја, до нејзините нозе”.

Пишува: Данило Коцевски


Администратор
25/07/2017 19:47