Британските власти се заканија дека ќе преземат правни мерки против поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб „Челси“, Роман Абрамович, со цел да се пренасочат 2,5 милијарди британски фунти (околу 2,96 милијарди евра) од средствата од продажбата на клубот за помош на жртвите од војната во Украина, јави ДПА.
Министерката за финансии Рејчел Ривс и министерот за надворешни работи Дејвид Лами изразија разочарување поради неуспехот да се постигне договор со Абрамович околу замрзнатите средства.
Клубот „Челси“ беше продаден во мај 2022 година, откако Абрамович беше санкциониран како дел од групата руски олигарси по руската инвазија врз Украина. Средствата од продажбата беа замрзнати со намера да се искористат за ублажување на последиците од војната.
Досега не е постигнат договор со Абрамович околу употребата на тие средства, кои се наоѓаат на банкарска сметка во Велика Британија.
„Владата е решена средствата од продажбата на ‘Челси’ да бидат наменети за хуманитарни цели во Украина“, се вели во заедничката изјава на Ривс и Лами. „Иако вратата за дијалог останува отворена, подготвени сме да одиме по судски пат за овие средства да стигнат до оние што најмногу страдаат од војната“, додаваат тие.