Статистиката говори дека засега околу 90 отсто од оние кои побегнале од Украина се жени и деца, бидејќи мажите не можат да ја напуштат земјата, а околу 6,8 милиони се внатрешно раселени лица. Не се безбедни ни кога пристигнуваат во земјите од ЕУ, на пример во Германија, каде има голем број бегалци од Украина, на железничките станици, каде пристигнуваат бегалците се демнени од трговци со луѓе и макроа и пред сѐ на удар се младите жени и девојки, нудејќи им бесплатен превоз, сместување, а всушност поентата е да се втурнат во присилна проституција, сексуална експлоатација, принудна работа, присилен брак.
Ова во интервју за МИА го потенцира Даниела Антоновска, експертка по родови прашања, магистер по родови студии со 20-годишно работно искуство во оваа област во домашни невладини и меѓународна организација, со која говоревме за еден поинаков аспект на војната во Украина – последиците кои воените конфликти ги имаат врз жените и децата.
– Сексуалното насилство често и систематски се користи во војните со цел да се уништат заедници, да се вежба моќ и доминација над жените, па дури и за менување на етничката структура на следните генерации, посочува Антоновска, која нагласува дека е рано да говори за долгорочните влијанија на војната, но стресните ситуации од раселувањето, одвојувањето од членовите на семејството, губењето на домот и егзистенцијата веќе земаат удел.
Таа посочува дека голем број истражувања укажуваат дека 7 од 10 жени се изложени на родово базирано насилство за време на конфликт.
– Родово базираното насилство е сериозен проблем во Украина во изминатите осум години. Студија на УНФПА од 2019 укажува дека 75 отсто од жените во Украина доживеале некој вид насилство од 15-годишна возраст и една од три жени доживеале физичко и/или сексуално насилство. Во случајот на Украина истражувањата направени од страна на меѓународни организации покажуваат дека е користено и сексуално насилство во конфликтот на Крим. Сексуалното насилство често и систематски се користи во војните со цел да се уништат заедници, да се вежба моќ и доминација над жените, па дури и за менување на етничката структура на следните генерации. Извештаите на меѓународните организации, како на пример, од Амнести интернешнл од 2020 година укажува дека во сепаратистичките области на Украина е забележан голем пораст на семејно насилство, и тоа од 76 отсто во источниот регион Доњецк и 158 отсто пораст во Луганск, вели Антоновска.
Таа додава дека овој период е чувствителен и поради сѐ уште актуелната пандемија на Ковид-19, која несразмено влијае на различни групи граѓани и уште повеќе ги продлабочува негативните последици од моменталната состојба, истакнува Антоновска.
Војните, вели Антоновска, влијаат и врз здравствените приоритети на населението, во тој контекст и врз жените и децата.
– Оние жени кои се во период на бременост имаат специфични здравствени потреби. Здравствените установи функционираат во засолништата, жените се пораѓаат во метростаниците и се проценува дека во наредните три месеци околу 80.000 жени ќе се породат и ќе бидат без основна натална и антенатална грижа, а самото породување за дел од жените ќе биде животозагрозувачко. Според проценките на одредени украински организации, околу четири проценти од раселените лица ќе бидат бремени жени, а 15 проценти од тие жени ќе бараат итни акушерски интервенции, посочува Антоновска.
Со Антоновска говоревме и за почитувањето на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации, посветена на жените, мирот и безбедноста, како и за тоа дека и во Украина сега, а најчесто и во сите конфликти, жените ретко се дел од преговарачките процеси и седнуваат на преговарачките маси во обидите за пронаоѓање решение и траен мир. Истражувањата, вели таа, покажуваат дека кога жените се вклучени во мировните процеси постои веројатност за 35 отсто зголемување дека договорот ќе трае трае најмалку 15 години.
– Конфликтите и војните низ целиот свет се крајниот израз на патријархатот и она што се случува кога зборовите немаат сила и моќ, нагласува Антоновска во интервјуто за МИА.
Антоновска беше членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати и е алумна на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институтот, алумна на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“, како и алумна на Школата за жени, мир и безбедност на италијанската Агенција за градење мир. Авторка е на неколку анализи и научен труд поврзани со Резолуцијата 1325, искуствата од спроведување на националниот акциски план, локализација, како и поврзување на агендата за жени, мир и безбедност со превенцијата од насилен екстремизам и радикализација.
Во продолжение следува целото интервју со Даниела Антоновска:
Речиси еден месец Украина се соочува со војна, по руската инвазија на земјата. Според податоците на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), над десет милиони луѓе ги напуштиле своите домови, дел од нив раселени во земјата, дел во странство, тоа е речиси една четвртина од населението. Милиони си заминаа од земјата, повеќето жени и деца, предизвикувајќи ја најголемата бегалска криза од Втората светска војна. Жените и децата по правило се колатерални жртви на војните, таква е и состојбата во Украина. Војната остава последици за секого, какви последици, според вас како експерт за родови прашања, оставаат конфликтите врз жените, кои стануваат или внатрешно раселени лица или бегалци?
– Војните и вооружените конфликти оставаат последици врз секого, тоа го покажаа и војните од поблиското минато во регионот на Балканот. Жените и децата како категорија се главните жртви на модерното војување и се проценува дека во моментот околу 80 отсто од бегалците и раселените лица низ светот се жени и деца. Мажите имаат поголема веројатност да доживееат траума и повреди поради борба, додека, пак, жените, децата и постарите лица се со поголема веројатност да се соочат со мноштво други ранливости. Семејствата се разделуваат, жените се соочуваат со стресни обврски за грижа за себе, децата и постарите лица при бегалските маршрути. Се остава познатата средина зад себе, се одвојуваат членовите на семејствата, се оставаат изворите на приходи и притоа мора да преземаат ризици за да преживеат и да го гарантираат и опстанокот на тие кои се со нив при бегалските маршрути. Овие промени, од една страна, ја зајакнуваат автономијата на жената и прават таа да ги преземе различните функции и различните улоги врз себе, а од друга страна, може да имаат и многу тешки последици врз нив, пред сѐ по психичкото и менталното здравје, економската несигурност и лишеност од ресурси, опасностите кои по бегалските маршрути ги демнат, а кои вклучуваат трговија со луѓе, родово базирано насилство и сл. Притоа треба да се има предвид дека жените се хетерогена група, поделени по возраст, религија, социоекономско потекло, образование, способност и слично, така што последиците со кои се соочуваат можат да бидат различни зависно до категоријата на која ѝ припаѓаат. На пример, трансжените кои се идентификувани како мажи во нивните документи се запираат на границите и се спречени да заминат. Се проценува дека има и околу 100-200.000 деца во домовите за деца кои сега сe изложени на голем ризик од насилство, злоупотреба, па дури и тргување со деца и принудна работа. Претходните војни покажаа дека жените и девојките погодени од вооружени конфликти се изложени на зголемено ниво на трауматски искуства, што е поврзано со зголемена преваленца на анксиозни нарушувања и депресија. Рано е да се знаат долгорочните влијанија, но стресните ситуации од раселувањето, одвојувањето од членовите на семејството, губењето на домот и егзистенцијата веќе земаат удел. Овој период е чувствителен и поради сѐ уште актуелната пандемија на Ковид-19, која несразмено влијае на различни групи граѓани и уште повеќе ги продлабочува негативните последици од моменталната состојба.
Околу два милиона бегалци од Украина заминаа, на пример во соседна Полска, најчесто се сместуваат во соседните земји, кај нас засега е мала бројката. Бегалските маршрути не се секогаш безбедни, неретко има примери на дискриминација и по пол, боја на кожа, бегаат и лица од други континенти, кои работат или студираат во Украина, какви се вашите сознанија?
– Точно е дека маршрутите не се секогаш безбедни, тоа се покажа и со бегалската криза во 2018, 2019, 2021. Илјадници ги загубија животите или исчезнаа од 2015 година, а сè поголем број жени и деца без придружба продолжуваат да патуваат по опасни патишта во потрага по безбедност. Во 2021 година, повеќе од 114.000 луѓе ги ризикуваа своите животи обидувајќи се да стигнат до Европа по море, над 3.200 од нив се мртви или исчезнати. Статистиката говори дека засега околу 90 отсто од оние кои побегнале од Украина се жени и деца бидејќи мажите не можат да ја напуштат земјата, а околу 6,8 милиони се внатрешно раселени лица. Не се безбедни ни кога пристигнуваат во земјите од ЕУ, на пример во Германија, каде има голем број бегалци од Украина, на железничките станици каде пристигнуваат бегалците се демнени од трговци со луѓе и макроа и пред сѐ на удар се младите жени и девојки, нудејќи им бесплатен превоз, сместување, а всушност поентата е да се втурнат во присилна проституција, сексуална експлоатација, принудна работа, присилен брак. Имајќи предвид дека Украина не е дел од Европската Унија на украинските граѓани им е дозволен престој од 90 дена на територијата на ЕУ, но неодамна се усвои нова директива за привремена заштита соодветно на која ќе може да останат до три години, што може да има и позитивни, но и негативни импликации. Расата, религијата, културата исто така играат улога во „топлото добредојде“ и во третирањето во обезбедувањето транспорт до земјите во ЕУ. Притоа видовме дека студентите од Индија и Африка беа несоодветно третирани при обидите да преминат во соседните земји. Има дури и сведоштва дека граничарите одбиваат да ги пропуштат и им бараат пари, што значи дека дури и при хуманитарни катастрофи одредена категорија граѓани добиваат расистички третман на границите. Одредени земји од ЕУ како Унгарија, но исто така и Гана се понудија овие лица да ги продолжат студиите на нивните универзитети, што е хуман гест. Веќе напоменав дека е голема опасноста од запаѓање во трговија со луѓе, сексуална експлоатација, принудна проституција, принудна работа, присилни бракови, малолетнички бракови.
Секојдневно се објавуваат извештаи за бомбардирани населени места. Според податоците на СЗО, регистрирани се над 40 напади на болници и здравствени установи. Беше бомбардирано и породилиште и детска болница во Мариупол. Сепак, пандемијата не заврши, што би значело сето ова за здравјето на жените, но и децата?
– Жените и мажите имаат различни здравствени потреби и приоритети. Почетокот на војната не значи дека здравствената заштита на жените е суспендирана, односно дека жените немаат потреба од неа. Напротив, жените кои се веќе жртви на родово базирано и семејно насилство сега имаат дополнителни проблеми бидејќи имаат недостиг од соодветен психолошки третман и психосоцијална помош и поддршка. Оние жени кои се во период на бременост имаат специфични здравствени потреби. Здравствените установи функционираат во засолништата, жените се пораѓаат во метростаниците и се проценува дека во наредните три месеци околу 80.000 жени ќе се породат и ќе бидат без основна натална и антенатална грижа, а самото породување за дел од жените ќе биде животозагрозувачко. Според проценките на одредени украински организации околу четири проценти од раселените лица ќе бидат бремени жени, а 15 проценти од тие жени ќе бараат итни акушерски интервенции. Украина исто така е познат светски центар за комерцијално сурогат-мајчинство каде многу жени се ангажирани како сурогат-мајки за парови од земјите каде тоа не е законски регулирано. Во овој период голем број бебиња родени од сурогат-мајки Украинки се оставени во импровизирани болници, каде медицинските лица се грижат за нив, а нивните договорни родители кои доаѓаат од различни страни на светот се спречени да дојдат, да ги земат и однесат во земјите од каде потекнуваат. Во исто време треба да се има предвид и дека пандемијата предизвикана од Ковид-19 сѐ уште не е завршена, а тоа значи дека одредени категории граѓани сѐ уште ќе бидат под многу поголем ризик од заболување и смртност, како од самиот вирус така и поради други коморбидитети што ќе ја влошат состојбата поради недостиг на лекови.
Во војни евидентно е зголемување на родово базирано насилство, на какви други опасности се изложени жените во Украина, имајќи ги предвид опасностите што со себе ги носи војната?
– Истражувањата укажуваат дека 7 од 10 жени се изложени на родово базирано насилство за време на конфликт. Родово базираното насилство е сериозен проблем во Украина во изминатите осум години. Студија на УНФПА од 2019 укажува дека 75 отсто од жените во Украина доживеале некој вид насилство од 15-годишна возраст и една од три жени доживеале физичко и /или сексуално насилство. Во случајот на Украина истражувањата направени од страна на меѓународни организации покажуваат дека е користено и сексуално насилство во конфликтот на Крим. Сексуалното насилство често и систематски се користи во војните со цел да се уништат заедници, да се вежба моќ и доминација над жените, па дури и за менување на етничката структура на следните генерации. Извештаите на меѓународните организации, како на пример, од Амнести интернешнл од 2020 година укажува дека во сепаратистичките области на Украина е забележан голем пораст на семејно насилство, и тоа од 76 отсто во источниот регион Доњецк и 158 отсто пораст во Луганск. За време на конфликт се нормализира културата на насилство во општеството поради поширока достапност на оружје и ранливост на заедниците, како и намалување на влијанието, работата и улогата на организациите и мрежите за поддршка на жените. Од друга страна, пак, има и поврзаност помеѓу различните форми на родово базирано насилство и семејното насилство и зголемените стапки на ХИВ. Многу жени и девојки жртви често со цел да се справат со психолошките трауми кои насилството ги носи користат и поголема количина психотропни супстанции и сето ова ги прави многу поподложни на експлоатација од секаков вид. Oва не е само карактеристика за Украина, туку за секој конфликт во кој доаѓа до израз непропорционалната изложеност на жените и девојките на ризици.
ММФ неодамна излезе со прогноза дека конфликтот ќе влијае на целата глобална економија, ќе се забави нејзиниот раст, ќе се зголеми инфлацијата и може суштински да го преобликува глобалниот економски поредок на долг рок. Имајќи предвид дека насекаде во светот, па и во најразвиените земји, економската нерамноправност меѓу мажите и жените е постоечка, колку сета оваа состојба ќе се одрази на женската популација?
– Војната во Украина во моментот е трет асиметричен шок во последните две децении, по економската криза во 2008 година и пандемијата на Ковид-19. Војната има големо влијание врз економијата во соседните земји на Украина и земјите кои очекуваат поголем прилив на бегалци. Западните земји веќе почнаа да ги чувствуваат инфлациските притисоци, надополнети со зголемени цени на суровините, енергијата, пченицата. Започнаа прекини во синџирите на снабдување, нарушени трговски патишта, зголемување на транспортните трошоци. Најслабите економии на африканскиот континент ќе се соочат со изгледи за немири за храна. Како илустрација глобалната криза со глад во 20-те жаришта на гладот главно на африканскиот континент ќе се соочат повторно со голема несигурност во обезбеденост со храна, бидејќи најголем дел од светските резерви на пченица доаѓаат токму од Украина и Русија. Веќе се проценува дека 283 милиони луѓе се акутно несигурни во обезбедување со храна и во околу 80 земји во светот населението ќе биде изложено на висок ризик од недостиг на храна.
Од претходни истражувања кои ги имам правено еведентно е дека родовите норми и вкоренетите родови нееднаквости значат дека девојчињата и жените најчесто јадат помалку и јадат последни, и кога имаат малку храна, ја даваат на помалите деца и постарите. Своите нутритивни потреби жените вообичаено ги ставаат на последно место во време на кризи и пандемии. Ова беше забележително и од истражувањата поврзани со влијанието на пандемијата на Ковид-19 кога голем број работни места се затворија и кога маргинализираните жени и семејства се соочија со уште поголеми економски последици. Кога храната е дефицитарна, семејствата кои се во најголем ризик прибегнуваат кон алтернативни негативни механизми, како што се детски, ран и принуден брак, со цел да преживеат. Економскиот очај и колапс, исто така, може да ги направи жените и девојките поранливи на различни видови експлоатација, како трудова и сексуална експлоатација.
Во Резолуцијата 1325 на Обединетите нации се адресира влијанието на војната врз жените и важноста на целосното и еднакво учество на жените во решавањето на конфликтите, градењето на мирот, зачувувањето на мирот, хуманитарниот одговор и во постконфликтната обнова. Резолуцијата исто така повикува на специјални мерки за заштита на жените и девојчињата од сексуално насилство во време на војни. Колку од ова се само декларативно заложби, а колку реалност?
– Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации е усвоена во 2000 година и е првата тематска резолуција која се однесува за жените, мирот и безбедноста. Таа ја нагласува улогата на жените во превенцијата и решавањето на конфликтите, градењето на мирот, вклученоста и придонесот за зачувувањето траен мир и безбедност. Една од четирите категории кои Резолуцијата ги опфаќа се однесува на заштита на жените од насилство, силување и сексуално злоупотребување за време на војните, па дури и дел од последователните резолуции кои се донесени опфаќаат конкретни области на заштита на жените. Резолуцијата се надоврзува на Пекиншката декларација и Платформа за акција, која го содржи тематскиот дел за жените и вооружените конфликти, како и на препораката бр. 30 од Конвенцијата за елиминација на насилството врз жените (CEDAW), која се однесува на вклучување на жените во спречување конфликти и постконфликтни ситуации. Иако Резолуцијата ги дава насоките за учество на жените во процесите на донесување одлуки и учество во процесите на преговарање, сепак жените остануваат на маргините во преговарачките процеси за постигнување мир. Како илустрација во 2019 година жените претставувале 13 отсто од преговарачите, шест отсто од медијаторите и шест отсто од потписниците на мировните договори. Истражувањата покажуваат дека кога жените се вклучени во мировните процеси постои веројатност за 35 отсто зголемување дека договорот ќе трае трае најмалку 15 години. До мај 2020 година 84 земји (или 43 отсто од земјите членки на ОН) развија национални акциски планови за имплементација на Резолуцијата што ги обврзува земјите на спроведување на одредбите. Но, фактичката состојба покажува дека и покрај постоењето на регулативата, нема соодветна и доволна имплементација во пракса. Очигледно искуствата од минатите војни не беа доволни за креаторите на политиките на одредни земји да најдат мирно решение за споровите. Вистинскиот политички напредок е малку веројатен додека на масата за преговарање и одлучување не се вклучат и жените.
Нам тука, на Балканот, во поновата историја војните не ни се новина. Од оваа перспектива сега со случувањата со Украина, какви последици оставија војните во БИХ, Косово врз жените и децата?
– Конфликтите и војните низ целиот свет се крајниот израз на патријархатот и она што се случува кога зборовите немаат сила и моќ. Во минатите конфликти видовме дека страните во вооружените конфликти користат сексуално насилство како сурова тактика на војна, терор и тортура. Во периодот на војната во Босна и Херцеговина (1992-1995) беа убиени најмалку 100.000 луѓе, 900.000 станаа бегалци, а уште 1,3 милион беа внатрешно раселени. Толку години по завршување на војната земјата се бори со несигурност, нестабилност, слаба економија. Во Босна и Херцеговина ниту една жена не беше меѓу преговарачите, посредниците или потписниците на Дејтонскиот договор во 1995 година. Генерално, меѓу жените кои ја доживеале војната во Босна помеѓу 1992 и 1995 година речиси две третини имале брачен другар или член на семејството кој учествувал во борбите, на речиси половина од жените им биле уништени имотите и живеалиштата, а речиси 48 отсто не можеле да најдат работа по војната. Секој втор жител од пет ги напуштил своите домови, а 24 отсто останале трајно раселени. Исто така илјадници жени беа силувани и во војната во Косово, а овие жени понатаму во секојдневието се борат со срамот и стигмата и продолжуваат да страдааат и понатаму во обид да продолжат со своите животи. Владата на Косово нуди пензија за преживеаните од сексуално насилство во војната која е приближна на просечната плата. Голем дел од преживеаните жртви живеат во длабока сиромаштија, меѓутоа за да аплицираат мора да дадат детали за она што го преживеале, да достават медицинска евиденција и сведочење, што секако е мачен процес за нив. Неможноста да се најде работа која би ги задоволила основните егзистенцијални потреби е уште еден голем проблем придружен со постојаната потреба од психолошка помош и поддршка. Да се надеваме дека ситуацијата во Украина нема да биде слична од аспект на употребата на сексуалното насилство во војната.
Што би можело да се стори во моментов за да се подобри состојбата во жените во Украина и за оние кои се внатрешно раселени лица, но и оние кои одлучиле да ја напуштат земјата?
– Меѓународните организации, како и женските невладини организации и мрежите за поддршка кои се во непосреден контакт со населението играат голема улога во обезбедување хуманитарна помош и треба да им се обезбеди итна хуманитарна и финансиска помош со цел да дадат поддршка и услуги за жените, децата, повозрасните граѓани на терен. Да се создадат и одржуваат безбедни хуманитарни коридори до и надвор од украинските градови и села и да се гарантира еднаков пристап на сите до хуманитарна помош, храна, вода за пиење, медицинска помош и третман. Во моментот покрај усвојувањето на Директивата за привремена заштита, во ЕУ се работи на следната фаза, а тоа е олеснување на пристапот до услуги, како образование, здравствена заштита, вклучувајќи ја и вакцинацијата, вработување на граѓаните од Украина. Околу половина од оние што пристигнуваат се деца и ќе треба навремено регистрирање, вклучување и назначување старатели или претставници на социјалните служби доколку се работи за малолетници без придружба. Нашите власти и одговорни институции исто така треба да ги подобрат и зајакнат капацитетите и ресурсите во очекување на пристигнување поголем број бегалци од Украина имајќи предвид дека веќе имаат искуство во справување со бегалски кризи. Исто така бегалската криза ќе значи и повторно обновување на прашањето за заедничката политика за азил и миграција. Секако, на меѓународно ниво не треба да се игнорира капацитетот на жените и да им се гарантира место на маса во мировните преговори, медијацијата и потпишувањето на договорите.