Министерството за култура денеска преку соопштение изрази жалење што информацијата за пријавата на Општина Валандово за фестивалот „Фолк фест Валандово“ на годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата, доби речиси „сензационалистички“ карактер.

Од Министерството потенцираа дека резултатите на годишната програма за поддршка на проектите за 2022 година се јавни. Како што посочуваат, секој апликант, поддржан, одбиен или отфрлен добива решение со образложение од стручните комисии кои го оценуваа квалитетот на пријавите.

-Во случајот на „Фолк фест Валандово“, Министерството не навлегувајќи во детали за кои сметаше дека и се помалку важни на пошироката јавност, претходно за медиумите образложи зошто пријавата на „Фолк фест Валандово“ е бодувана со помал број од потребните бодови. Веројатно тоа придонесе за разногласие во толкувањето на одлуката, се наведува во соопштението на Министерството за култура.

Инаку, секој одбиен апликант има право на жалба во рок од 15 дена по добивање на решениeто. -Доставувањето жалби по донесените решенија е законска можност за пријавените субјекти, а обврска на Министерството е да одговори по нив, по претходно мислење од стручна комисија, потенцираат од Министерството.