Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната работна седница за ратификација на Договорот од Маракеш и донесувањето на Законот за авторското право и сродните права посочи дека Министерството за култура останува посветено на инклузијата на лицата со попреченост, како и на подобрување на условите за пристап до установите од областа на културата.
На работната средба, на која присуствуваа и советникот на претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за здравствена заштита, образование и социјална заштита за лицата со попреченост и претседавач на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост при Владата, Спасе Додевски, државниот советник во Канцеларијата на претседателот на Владата, Лидија Крстевска-Дојчиновска и две лица од Министерството за култура стана збор и за потребата од усвојување на измените и дополнувањата на Законот за авторското право и сродните права, кои ќе овозможат имплементација на одредбите од Договорот од Маракеш.
Додевски ја истакна и важноста за подобрување на физичката пристапност до и во културните установи за лицата со попреченост, како и за обезбедување информации и дела во пристапен формат за нив.
Според соопштението на Министерството за култура, тие се согласија дека со заемно залагање на сите чинители во овој процес, ќе се придонесе за олеснување на достапноста на авторските дела за оваа категорија граѓани и за нивно целосно учество во културниот живот преку уживање во уметничките дела и можноста да ги споделат придобивките од научниот напредок.
Договорот од Маракеш е меѓународен правен инструмент усвоен во 2013 година на Дипломатската конференција во Маракеш, Мароко, од земјите членки на ВИПО (WIPO), кој им олеснува на лицата кои се слепи, кои имаат оштетен вид или на друг начин се оневозможени да користат печатени материјали, под одредени услови да можат да пристапат до делата заштитени со авторски права. Во согласност со Договорот, договорните страни треба да воведат законски ограничувања и исклучоци од правилата за користење на авторското право и сродните права со цел да се овозможи репродукција, дистрибуција и ставање на располагање на објавените дела во формати дизајнирани да бидат достапни за корисниците и да дозволат нивна прекугранична размена.